Дека летото уште не е завршено докажува тјунерската куќа Castagna која
повторно се надминува себе си со новото баги за на плажа направено со преработка
на Fiat 500.
После Fiat Portofino ова е уште една преработка на тема автомобил за на плажа, а за Castagna на тема Fiat 500.
Претворањето на серискиот Fiat 500 во отворен
автомобил со место за двајца, палуба од тиково дрво и плетени прегради место
врати според инженерите во Сastagna бил полесниот дел од работата.
Потешкиот
дел е претворањето на Fiat 500 во електричен автомобил способен за максимална брзина од
130 km/h и автономија од 120 до 140 km во
зависност од стилот на возење.
По празнењето батериите за само четири часа можат да
обноват 80% од својот максимален капацитет приклучени на стандарден приклучок
за струја.
Интересно е тоа што намената на Tender Two, возило за забава со
откачен дизајн, се коси со практичноста на еден електричен
автомобил. Но, екологијата денес е во преден план и токму оттука доаѓа
инспирацијата на дизајнерите во Сastаgna за еден
ваков зелен автомобил за на плажа.
Во секој сучај Tender Two е атрактивен
отворен автомобил и покрај тоа што недостатокот од кров и врати му
ја намалуваат практичноста, но лете, кога сонцето пече, кому му е грижа за
практичната страна на работите.
Наменет за сопствениците на јахти кои ќе го користат за куси
излети на копно, Tender Two им овозможува да се чувствуваат како
на море, а воедно претставува ефикасно и префинето превозно средство кое не
бара откажување од стилот.
Покрај палубата од тиково дрво која е направена за да го
издржи влијанието на сонцето и морската сол, од отпорни материјали кои му
одолеваат на сонцето и солта е изработена и внатрешноста со седишта преслечени во
вештачка кожа.
Тука е и подпалубниот простор каде можат да се сместат
потребштините за на плажа, крпи, торби, масла, вода, помали спортски
реквизити...
Tender Two како да е претворен во мал чамец за
на копно. Доказ е платнениот кров кој потсетува на тендите прициврстени
безмалку на секоја јахта или глисер кои чуваат сенка на отворено море.
Технологијата која го претвора Tender Two во
електричен автомобил ја испорачува швајцарската компанија Mes-Dea која се
надева дека ќе направи хибрид на база на Fiat 500 Giardiniera
кој би требало да се комерцијализира следната година.
|