Fiat планира да ги вжешти работите на претстојниот салон во
Париз со претставување на 500 Abarth Esseesse или SS, најновата
верзија на малечкиот и возбудлив Fiat.
Abarth Esseesse е создаден
врз основата на 500 Abarth Opening Edition и под ламарината
носи кит што се вградува и во единствената тркачка верзија Abarth
Assetto Corse која ќе се натпреварува во сопствена серија на Fiat низ Европа
наречена 5 Hundred Cup или Куп 5Стотини.
Fiat 500 Abarth Esseesse ќе се нуди и како
готов модел склопен во фабрика и како тјунинг пакет кој пак ќе може да се
нарача дополнително и да се вгради на серискиот Abarth 500, но само
во одредени специјализирани куќи кои ќе бидат овластени од Fiat.
Abarth Esseesse доаѓа со нов аеродинамичен кит
составен од преден браник со огромен отвор за воздух и странични шкрги, странични
завеси, проширени крила и здебелни арки над тркалата, заден браник со
интегриран дифузор од кого штрчат два издувни топа и отвори за одвод на жежок
воздух од сопирачките и спојлер на кровот.
Подвозјето е дополнително спуштено, автомобилот стои на
нови Esseesse леснометални бандажи од 17 инчи зад кои се сокриваат
вентилирани и бушени сопирачки дискови напред и полни исто така бушени дискови одзади.
Измените на подвозјето и сопирачките се потребни за да се
држат под контрола 160 коњски сили и вртежен момент од максимални 230 Nm кои ги
испорачува 1.4 литарскиот турбо бензинец на Fiat, T-Jet.
Зголемувањето на снагата и вртежниот момент во најголема
мерка се должи на ремапирањето на електронската контролна единица ECU. Единствената
механичка измена е вградување на нов спортски филтер за воздух.
Сето ова е доволно за Abarth Esseesse да спринтува
до 100 km/h за 7,4 секунди и да достигне максимална брзина од 211 km/h.
Притоа во просек троши 6,5 литри бензин на 100 km и има
емисија на СО2 од 155 g/km што е долг на моторот со мала зафатнина.
Планот е продажбата на Esseesse да стартува
во јануари 2009 кога на располагање ќе биде и китот за сите оние што претходно
веќе го нарачале серискиот Abarth 500.
Цената на китот сеуште не е позната, ниту пак се знае
цената на Esseesse испорачан директно до фабрика. Но, се претпоставува дека
ќе се движи околу 20.000 евра што е многу помалку отколку главниот ривал Mini Cooper S.
|