Ова е втора верзија на 500 Abarth која за
жал ќе биде произведена во ограничена серија од само 100 примероци. Вистинска
реткост која треба да го обележи стартот на продажбата на Abarth.
Крстена и со соодветно име Opening Edition има
модификувана верзија на 1.4 литарскиот турбо кој во случајов остварува 160
коњски сили наместо 135 коњски сили кои го задвижуваат серискиот Abarth.
Покрај зголемувањето на снагата зголемен е и вртежниот
момент на 230 Nm и моторот е врзан со нов петстепен мануелен менувач кој
исто така е доработен и е исклучително прецизен.
Со новиот менувач и повеќе снага Abarth 500 Opening
Edition спринтира до 100 km/h за само 7,4 секунди и oстварува максимална брзина од 211 km/h. За
разлика од него серискиот Abarth до темпо 100 стигнува за 7,9 секунди и тера до максимални
205 km/h.
Измените не се само кај моторот и менувачот. Поставени се
сосема нови вентилирачки и перфорирани дискови напред и назад, нови плочки кои
зафаќаат поцврсто и подобро се дозираат, спортски филтер за воздух кој доаѓа од
BMC, поцврсти пружини кај суспензијата и нови леснометални
бандажи од 17 инчи со среберен или титаниум финиш.
Доработката не е само во доменот на перформансите туку и
за издигнување на стилот кој зрачи од секоја пора на автомобилот. За подобар
визуелен настап сопирачките клешти се обоени во црвена боја, поставени се
налепници од страна со препознатливото име на Abarth, a нови се и
беџовите напред и назад кои сега се изработени од алуминиум.
Понатаму во внатрешноста ве очекува кожен интериер со
спортски седишта, кожен волан зарамнет оздола, дополнителен тркалезен иструмент кој
го прикажува притисокот во турбо полначот и времето кога е најпогодно да се
смени степен на пренос.
Однандвор Abarth 500 Opening Edition може да
биде обоен во две бои: Бисерно бела и Камповоло сива, а за оние што сакаат
дополнително да се разликуваат на располагање е и налепница дизајнирана кака
црвено чекирано знаме која е залепена на кровот.
|