Името на тјунерската куќа G Power се
поврзува со најекстремните доработки на моделите на BMW кои
редовно ги уриваат брзинските рекорди. Свеж пример е Hurricane M5 RS со максимални 367,4 km/h.
Најновата ракета на четири тркала која ја создадоа
инженерите на G Power е базирана на BMW M6 Coupe и сега го носи
името својствено за тјунерот, Hurricane M6 CS.
Под хаубата на Hurricane
M6 CS работи легендарниот
V10 на BMW познат по гладта за вртежи кому експертите од G
Power му вградија два механички компресори и постигнаа моќност од 750 КС и максимален вртежен момент од 800 Nm.
Максималната снага V10 ја
остварува меѓу 7.500 и 8.000 врт/мин, додека максималниот вртежен момент е
расположив на 5.000 врт/мин. Сето ова е доволно автомобилот тежок 2 тона да
спринтува до 100 km/h за 4,4 секунди, до 200 km/h за 9,6
секунди, до 300 km/h за 26 секунди и да достигне максимална брзина од малку
преку 370 km/h.
Со помош на механичките компресори ASA
T1-316 кои секој за себе полни еден од двата блока цилиндри, волуменот на воздух по цилиндер
може да се зголеми до 25% што теоретски би давало снага од 900 КС, но ова
останува предизвик за во иднина.
За да се издржи зголемувањето на моќноста на 750 КС и да
се намали сериската компресија, заради натполнењето, вградени се специјални
клипови од Mahle кои ја намалуваат компресијата и воедно се значително
полесни, но посилни од сериските. Паралелно се сменети и клипните лостови,
летечките лежишта, чивиите и кариките.
Hurricane M6 CS стои на леснометални бандажи од 19
инчи обуени во гуми Pilot Sport PS2 со димензии 255/35 напред и 305/30
назад кои ги обезбедува Michelin. Ова се единствените гуми на пазарот кои се способни да
поднесат толкав стрес.
За секојдневно возење Hurricane M6
CS носи леснометални бандажи од 21 инчи и гуми со димензии 255/30 напред и 295/25
назад кои не смеат да се возат побрзо од 340 km/h.
За сопирање на Hurriсane M6
CS се грижат карбон-керамички дискови со дијаметар од 380 mm и напред и
назад кои ги зафаќаат шест клипни сопирачки клешти.
Сето ова е поддржано со соодветен аеродинамичен кит и
специајлно одбрани бои, а сопственикот да се чувствува уште попосебно, внатре, Hurricane M6
CS има тахо кое е изгравирано до 400 km/h.
И за крај најважното. Hurricane M6
CS може да се порача од G Power како комплетен автомобил, а стартната цена за мераклиите
е одредена на 360.000 евра па угоре, во зависност од желбите.
|