Get Adobe Flash player

Geiger Corvette Z06 biTurbo
19.05.2009
corvette-z06-biturbo-1.jpgИнженерите од престижната германска тјунерска куќа Geiger тврдат дека платфoрмата на Corvette нуди неверојатни можности за доработка кои пак резултираат со генерирање на бесни перформанси.

Стремејќи се да го докажe своето тврдење инженерискиот тим на Geiger ја создаде Corvette Z06 biTurbo која под хаубата пакува снага од 890 КС при 6.100 врт/мин и максимален вртежен момент од мрсни 940 Nm при 4.500 врт/мин.

За да се постигнат наведените бројки инженерите започнале со модификување на блокот на моторот и главите на цилиндрите, вградување на ново коленасто вратило, полесни клипови и клипни лостови.

Така тие ја зголемиле зафатнината на моторот со кодна ознака LS7 од сериските 7.0 литри на 7.6 литри, додале два трубо полначи и го зголемиле пречникот на всисната гранка и на издувниот систем со што е добиен поголем и подобар проток на воздух.

Но, модификациите не сопираат тука. За да се пренесе сета оваа моќност на асфалтот без големи загуби во процесот во Corvette Z06 biTurbo е вграден нов посилен менувач со две спојки, карданско вратило од карбон-фибер и посилен заден диференцијал способен да го издржи масивниот вртежен момент.

Беснотилакот на наведените модификации и перформанси извлечени од моторот според наводите на Geiger завршува на максимални 354 km/h, достојни за респект.

Corvette Z06 biTurbo стои на ковани леснометални бандажи со пречник од 19 инчи напред и 20 инчи назад кои ги испорачува OZ обуени во гуми Pirelli P Zero со димензии 285/30 напред и 345/25 назад.

Зад нив се сокриваат огромните вентилирачки и жлебени дискови од StopTech со димензии 380х32 mm напред и 355х32 mm назад, кои пак, ги зафаќаат шест клипни алуминиумски сопирачки клешти.

Доброто лежење на пат и спортските возни карактеристики ги гарантираат посебно изработените поддесиви амортизери на Geiger и пониски и поцврсти пружини и стабилизатори со поголем пречник.

Секако сето ова е надополнето со соодветен визуелен настап составен од GT аеродинамичниот кит на Geiger кој му дава на автомобилот понизок и полут лик.

Воедно го подобрува струењето на воздухот околу каросеријата, нуди доволно свеж воздух за двата турбо полначи да можат да дишат полесно и го притиска автомобилот врз асфалт при високи брзини.

И најважното не ги нарушува препознатливите линии на Corvette.

Визуелниот настап дополнително го истакнува и уникатната зелена боја на каросеријата во комбинација со црно обоената хауба и кровот на Corvette Z06 biTurbo.

Од Geiger истакнуваат дека заинтересираните можат да ја купат Corvette Z06 biTurbo директно од кај нив, но исто така ќе ја доработат веќе купената сериска верзија на Corvette Z06 доколку клиентот ја поседува.

Цената варира во зависност од желбите на клиентот.

 
Get Adobe Flash player