Тјунерите не ги засегаат проблемите на матичните куќи.
Без оглед што, во случајов Hummer, е исправен пред продажба, Geiger одлучи да
ја претстави својата најнова креација на тема Н3.
Германската тјунерска куќа специјализирана за преработка
на американски автомобили може да се пофали со цела палета откачени креации
направени врз основата на моделите на Hummer.
Н3 V8 Kompressor e најновото мускулесто видување на
четири тркала приредено од инженерите и дизајнерите на Geiger.
Тие сметаат дека основаната верзија со 3.7 литарски пет
цилиндричен бензинец кој остварува 239 КС и 327 Nm потребни да
се задвижи тежина од 2.131 kg е премногу анемична.
Не се согласуваат ниту со помоќната сериска верзија со
5.3 литарски V8 кој ослободува 300 КС и 434 Nm
распоредени да туркаат тежина од 2.299 kg.
Едноставно за нив двете верзии немаат доволно џус за да
ја доловат комплетната претстава за Hummer како мускулес теренец
во вистинска смисла на зборот.
Затоа големиот V8 од 5.3 литри добива
механички компресор кој успева моќноста да ја подигне на вредни за споменување
423 КС и максимален вртежен момент од 680 Nm.
Модификацијата на моторот е доволна за Hummer
H3 V8 Kompressor да може да спринтува до 100 km/h за малку
преку 7 секунди и да достигне сериозна максимална брзина од 238 km/h.
Олку висока крајна брзина најчесто претставува проблем за класичните теренци, знаеме дека дури и Mercedes својата G Класа ја
ограничува на максимални 210 km/h.
Сепак, за возењето да биде безбедно дури и со педалот за
гас притиснат до крај инженерите на Geiger го опремиле H3 V8
Komperssor со нова суспензија која е поцврста од онаа во сериската
верзија.
Понатаму, за сопирање на олкава тежина залетана со брзина
од преку две глави, вградени се самовентилирачки жлебени дискови со димензии
380х35 mm кои ги зафаќаат шест клипни сопирачки клешти.
Geiger го поставувa H3 V8 Kompressor
на леснометални бандажи со пречник од 22 инчи и ширина од 10 инчи, кои ги
испорачува Borbet, а обуени се во гуми на Cоntinental, модел Cross
Contact, со димензии 305/45 кои нудат доволно тракција на пат и надвор од него.
Модификациите не се сметаат комплетни ако сопственикот е
единствен што знае за нив. Во Geiger сакаат нивните автомобили да вриштат на сите страни
перчејќи се со она што се сокрива под ламарината.
Иако и серискиот Н3 има доволно материјал за пристоен
сценски, пардон, уличен настап.
Вредно за спомнување се новите бои, двојниот издув и
отстранувањето на резервното тркало од вратата на багажникот заради почист
облик и подобар аеродинамичен ефект.
Внатре грдата платика е заменета со детали од
карбон-фибер и полиран алуминиум кои даваат поплеменит и поспортски лик.
|