|
15.05.2007 |
Brabus го претстави најбрзото и најсилно купе на светот. SV12 S Biturbo е базирано на Mercedes CL 600, силата му е 730 КС, а максимално постигнува 340 километри на час. И цената одговара: 178.980 евра.
Срце на ексклузивниот автомобил е моторот Brabus SV12 S Biturbo кој е најсилниот V12 мотор на светот што е регистриран за по улица. Со вградување на специјално коленасто вратило со продолжен од и комбинација од проширен пречник на цилиндрите и ковани клипови работната зафатнина на 5,5 литарскиот мотор на Mercedes доаѓа до 6,3 литри. Другите модификации се фино дотерување и полирање на двете глави и четири специјални брегасти оски.
Дополнително е преработена и периферијата на моторот. Тука спаѓаат специјални издувни гранки и два поголеми турбополнача, поефикасен интеркулер и спортски издув од благороден челик. Електрониката на моторот е дотерана од ново по бројни тестирања.
Нема потреба од коментар за моќта на моторот. Силата од 730 КС при 5100 вртежи е исто толку импресивна колку вртежниот момент од 1320 њутнметри при 2100 вртежи, кој електронски е лимитиран на 1100 њутнметри. Преносот на силата до задните тркала е преку модифициран петстепен автоматски менувач. По желба може да се добие блокада на диференцијалот заради подобра тракција.
Со тоа Brabus S V12 S Biturbo Coupe не е само најсилен, туку и најбрз претставник на својата сорта. Од место до 100 за само четири секунди и темпо 200 по само 11,9 секунди. Крајната брзина е електронски ограничена на 340 километри на час.
Се разбира дека екстремните перформанси на купето поставуваат големи предизвици и за спојлерите кои се развивани во аеродинамичен канал. Формата на предниот браник го намалува потпритисокот на предната оска и го подобрува ладењето на моторот и на предните сопирачки. Праговите отстрана го оптимизираат струењето на воздухот, но со вградените светилки овозможуваат и попријатно влегување и излегување од возилото во темница. Незабележливиот заден спојлер го комплетира аеродинамичниот пакет на Brabus и го намалува потпритисокот на задната оска со што се подобрува стабилноста при висока брзина.
За болидот да може да се владее тука се Brabus Monoblock бандажите со пречник од 18, 19, 20 или 21 инч. Најголемата комбинација од бандажи што ја нуди Brabus е 9Јх21 напред и 10,5Јх21 назад, со што одат гуми 265/30 ZR 21 и 295/30 ZR 21.
Со модификација на подвозјето АВС купето сега лежи 25 милиметри пониско. За натамошно оптимирање на активната безбедност болидот може да се опреми со спортски систем за сопирање, со сопирачки дискови со димензии 380 х 36 милиметри и 12-клипни алуминиумски сопирачки клешти за предната оска и дискови од 355 х 28 милиметри и шестклипни клешти на задната оска, исто така изработени од алуминиум.
Brabus SV12 S Biturbo Coupe може да се купи како комплетно возило по 178.980 евра или пак сопственикот на CL 600 од актуелната генерација може да го донесе на преправка во тјунерската работилница во Ботроп.
|