Паралелно со стартот на продажбата на Volkswagen
Scirocco во Европа, една од најдобрите тјунерски куќи во Германија, Oettinger, го
претстави својот кит наменет за купето на VW.
Визуелниот настап на Scirocco е нагласен
со впечатливи аеродинамички додатоци почнувајќи од агресивната предна маска и
решетката во форма на пчелино саќе во браникот која го покрива огромниот отвор за довод на
свеж воздух, преку извајаните странични завеси, до дифузорот
вметнат во задниот браник и стилскиот спојлер над задното стакло.
Сето ова е дополнето со спуштено подвозје и леснометални
бандажи од 19 инчи обоени во црна боја со хромиран прстен на работ.
За да се оправда лутиот лик на Scirocco
конструкторите од Oettinger го доработиле 2.0 литарскиот турбо бензинец TSI и сериските
200 коњски сили ги дополниле со уште 40 расни грла.
Но, ова се однесува на основниот кит наменет за тјунирање
на Scirocco. Врвниот кит му овозможува на 2.0 литарецот да оствари
350 коњски сили и максимален вртежен момент од 470 Nm.
Остварувањето на олку коњски сили и висока вредност на
вртежниот момент е постигнатo со неколку модификации. Прво е поставување на нов издувен систем од главата
на моторот до издувните цевки. Новиот издув има поголем пречник на цевките,
изработен е од не`рѓосувачки челик и завршува со четири издувни топа кои штрчат
од под задниот браник.
Покрај новиот издув поставен е спортски филтер за воздух
и зголемен е притисокот во турбо полначот. Плус направени се модификации на
контролната електронска единица која управува со параметрите на моторот.
Оние што ќе се одлучат за оваа верзија на доработка на
моторот ќе добијат и ентериер со детали од карбон-фибер, педали од четкан
алуминиум, плочки на праговите од вратите од не`рѓосувачки челик и леснометални
бандажи со дијаметар од 20 инчи.
Во Оettinger нагласуваат дека развојот на компонентите за тјунинг на Scirocco е сеуште
во тек и дека во иднина ќе можат да се нарачаат уште помоќни верзии на моторот,
комплетно нова суспензија со можност за дополнително поддесување и сет од
помоќни сопирачки, со нови вентилирачки и жлебени или бушени дискови и
сопирачки клешти со четири и шест клипови.
Oettinger сеуште не ги објавил цените за цел список модификации кои се достапни за Scirocco, но тоа се очекува наскоро, заедно со објавувањето на цените на комплетните китови.
|