Германската тјунерска куќа Irmscher повеќе од
40 години соработува со Opel и е еден од ретките специјалисти кој вистински знае како
треба да се модификува автомобил со молња на носот.
Токму поради овие причини не треба да чуди фактот дека Irmscher
е првиот тјунер што се зафати да ја доработи Insignia,
понудувајќи цел сет од стилски додатоци и модификации на подвозјето и моторите.
Сето ова доаѓа на време, пред стартот на продажбата на Insignia. Пакетот
вклучува нов аеродинамичен кит, поцврста суспензија која дополнително го
приближува автомобилот до подлогата, нови помоќни сопирачки и ковани
леснометални бандажи со пречник од 20 инчи.
Секако највпечатлива тјунерска компонента е новиот
аеродинамичен кит кој е дизајниран за да го смали отпорот на воздух, да
допринесе подобро лежење при високи брзини и исто така важно, да му даде на
автомобилот доза на агресивност во неговиот настап.
Китот е составен од преден спојлер вкомпониран во предниот
браник, нова маска, странични завеси и спојлер одзади. Понатаму сменет е и задниот браник кој во долниот дел сега носи дифузор изработен од
карбон-фибер.
Инженерите во Irmscher одлучиле на
почеток да не чепкаат премногу во моторите на Insignia пред да се
направат опсежни испитувања. Затоа единствената модификација направена за да се
извлече повеќе моќност е замената на издувот кој сега е направен од не`рѓосувачки
челик, има зголемен проток на гасовите и завршува со четири полирани издувни
цевки.
Дополнувањето во моделската понуда на Insignia кое доаѓа
од Irmscher е токму на време, бидејќи од Opel сеуште се
чека високоперформансната верзија OPC.
|