|
12.05.2007 |
AMG пушти нов модел за 40. јубилеј на постоењето на тјунерската работилница, CLK 63 AMG, сродник на безбедносниот автомобил на трките во формула 1.
Осумцилиндарскиот мотор од 6,3 литри со сила од 507 КС се грижи двоседот да забрза од нула до стотка за 4,3 секунди и да го однесе до крајна брзина преку 300 километри на час. Купето приспособено за возење по тркачка патека има претрпено неколку модификации со цел да се постигне подобро ладење и со тоа поголема издрживост во екстремни услови.
Модифицираниот AMG Speedshift 7G-Tronic и скратениот пренос во диференцијалот гарантираат голема агилност во секое брзинско подрачје. Подвозјето е оптимирано за трки и може да се дотерува посебно, вклучувајќи го и клиренсот.
Оптимална тракција гарантира блокадата на диференцијалот на задната оска, а за високи брзини во свијоци тука се гуми со формат 265/30 R19 напред и 285/30 R19 назад, ставени на олеснети и ковани бандажи од AMG.
Сродството со безбедносниот автомобил од формула 1 го откриваат новиот преден браник со големи отвори за воздух и странични канали од карбон, раширените крила и задниот браник со дифузорски перки и активно ладење на задната оска. Во Европа, CLK 63 AMG ќе има соодветна тркачка опрема, вклучувајќи тркачки кади, овален волан, карбон на средишната конзола, инструменти од AMG и олеснета облога на вратите. CLK 63 AMG Black Series ќе почне да се продава во јуни.
|