|
Релативно младата и не толку промовирана тјунерска куќа од Германија, Pogea Racing се одлучи да претстави свој тјунерски пакет за една ретка ѕверка како што е Fiat 500 Abarth Ferrari Dealers Edition.

Ексклузивната серија на Fiat 500 Abarth наменета за заслужните дилери на Ferrari е произведена во лимитирана серија од 200 примероци, а за тјунирање дошол на ред примерокот со реден број 83.
Иако во светот на тјунингот постојат едвај повеќе од една декада Pogea Racing можат да се пофалат со сопствена изработка на компонентите кои се користат во нивните доработки.
Pogea Racing дури и сопирачките ги изработува во своите погони, автомобилска компонента која останатите тјунери најчесто ја превземаат од специјализираните производители како Brembo, AP Racing, Tarox…
Тјунираниот Fiat 500 Abarth Ferrari Dealers Edition по доработката во Pogea го крстиле Pogea Racing Fiat Abarth GTR230 и успеале снагата од сериските 165 КС да ја подигнат на 270 КС и сето тоа од малиот 1.4 литарски турбо бензинец.
Секако се работи за сериозно зголемување на моќноста кое барало опсежни доработки. Најважната компонента е користењето на така наречен хибриден турбо компресор.
Станува збор за комбинација од механички компресор и трубо полнач кои делуваат одделно, компресорот при ниски вртежи, а турбото при високи што е познато. Меѓутоа финтата е во тоа што и компресорот и турбината ги задвижва електромотор. Користењето на електромотор не го оптоварува моторот со внатрешно согорување како кај обичните системи кои на тој начин му земаат дел од снагата.
Брзина на вртење кај компресорот и турбината е независна еден од друг и преку електронска контрола се овозможува попрецизно одредување на параметрите со што буквално се елиминира турбо дупката, енормно се зголемува снагата, а притоа потрошувачката се зголемува минимално.
Понатаму инженерите во Pogea поставиле нов интеркулер со поголем волумен за ладење на огромната маса жежок воздух која во моторот ја пумпаат механичкиот компресор и трубо полначот.
Поставен е и комплетно нов издувен систем со спортски катализатор и двојни издувни цевки за полсно одведување на издувните гасови, а сменет е и системот за вшмукување кој заедно со спортскиот филтер обезбедува полесен и поголем проток на воздух.
Комплетно е ревидирана и управувачката електроника на моторот која сега се справува и со управувањето на компресорот и турбината кои треба да постигнат совршена симбиоза за да извлечат најмногу од моторот.
Сите овие доработки условили моќноста на четирицилиндерскиот 1.4 литарец да ги достигне споменатите 270 КС, а вртежниот момент да се подигне на максимални 345 Nm. За жал од Pogea Racing не ги даваат податоците за перформансите на овој Fiat 500 Abarth.
За да се носи со толкава снага која блика од под хауба инженерите комплетно го ревидирале подвозјето поставувајќи спортски пружини и амортизери со можност за поддесување и подебели стабилизатори.
Комплетно се сменети и сопирачките на кои за да го запрат малиот болид од 100 km/h им требаат 1,8 метри помалку од патот на сопирање на Fiat 500 Abarth Ferrari Dealers Edition.
Од Pogea Racing истакнуваат дека сите тјунерски компоненти што ги вградуваат во своите дорботки се сертификувани во Германија и компанијата како опција на своите клиенти им нуди и дилерска гаранција за тјунираниот автомобил.
|