Get Adobe Flash player
308 во полна форма
04.07.2007
308_mainОва е првиот Peugeot од генерацијата 8, 308 е нов шизик со лав во носот кој би требало да се појави во авто салоните до крајот на годината. Иако наликува на 307 станува збор за друг автомобил.

Единствено што го спојува со претходникот е каросеријата налик на ван, но 308 е подолг 74 mm, поширок 85 mm и понизок 12 mm. Односно мери 4286 mm должина, 1831 mm ширина и 1498 mm висина.

Овие малку различни димензии го прават 308 подотеран и поспортски и со малку поатлетска фигура од 307. Исто така 308 може да се пофали со поголеми бандажи од лесен метал како стандардна опрема.

Во врска со дизајнот единствено загрижуваат А-носачите кои најверојатно прават слепи агли.

На почеток купувачите ќе можат да изберат десет моторни варијанти – пет бензинци со VTi технологија и пет дизели HDi. Основниот модел ќе го носи познатиот 1.4 литарски бензинец со 95 КС, а врвот од понудата ќе биде 2.0 литарскиот дизел со 136 коњи.

Сепак, главна атракција се: 1.6 литарскиот HDi кој благодарение на коефицијентот на отпор на воздух од 0,29 Cd остварува емисија на CO2 од само 120 g/km што одговара на европските норми кои треба да се воведат во 2012 година. И нервозниот 1.6 литарски турбо бензинец развиен во соработка со BMW кој на предните тркала испорачува здрави 150 коњски сили.

Набрзо по петвратната верзија се очекува и моделот со три врати кој ќе ја покаже вистинската спортска нота на 308 со моќен бензинец од 175 КС.

Потоа во стилот на Peugeot следат кабриолетот со метален склоплив кров СС, Break и SW со седум седишта. Во основа сето она што го имаше и 307. Во Peugeot се свесни дека коњот што победува не треба да се менува.


Поголемите димензии и подобрениот начин на пакување очигледно придонесуваат за просторноста на кабината. Потпирачите на седиштата се потенки за повеќе простор за колената, а со новиот покомпактен клима уред и арматурата станува потенка и зафаќа помалку простор.

Повисоката вредност доаѓа од поквалитетните материјали во внатрешноста. Пластиката мека на допир е насекаде од арматурата преку централната конзола до најмалата преграда.

Интересно е што испакнатиот јазик во форма на стилизирано V кој штрчи од хаубата ќе го забележите и внатре на светлата за осветлување на кабината и кај рамката околу рачката од менувачот.

Безбедноста носи 7 воздушни перничиња во серија, нов систем на предупредување при менување на лентата AFIL, а се очекуваат и верзии кои уште повеќе ќе и бидат наклонети на животната средина.

Извесно е дека со време прво ќе дојде 308 што ќе вози на био-гориво и секако хибриден дизел што Peugeot го развива веќе подолго време.

Што се однесува до спецификациите и цените ќе бидат објавени непосредно пред стартот на продажбата. 

 

 

 

Facebook