|
Abarth потврди дека од Fiat е дадено зелено светло за развој на неговиот сопствен спортски автомобил. Купето беше најавено на почетокот на минатата година и сигурно влегува во сериско производство.

Потврдата доаѓа директно од шефот на Abarth, Антонио Лабате кој најавува дека купето ќе има две места за седење, а ќе се нуди и во Targa изведба со тврд кров кој по желба на сопственикот ќе може да се отстрани за потполно уживање во возењето со ветар во коси.
„Abarth, за првпат, после цели 30 години на купувачите ќе им понуди сопствен модел со вистински спортски гени,” воодушевено говори Лабате за новиот модел. Според него развојот не би требало да трае повеќе од две години бидејќи Abarth ја има потребната експертиза за да создаде чистокрвен спортист.
Купето благодарение на користењето на лесни материјали нема да тежи повеќе од 900 kg. Моторот ќе биде поставен централно и ќе истискува 240 КС. Станува збор за новиот турбо бензинец на Fiat од 1.75 литри кој беше претставен во Alfa Romeo Giulietta за верзијата Quadrofoglio Verde.
Секако моторот 1750 TBi, како што гласи неговото полно име, нема да биде единствен во понудата на Abarth Coupe. Се очекува под хаубата да се најде и 1.4 литарскиот турбо бензинец во изведба со 140 и 170 КС.
„Abarth се развива одлично и ние немаме време за губење,” вели Лабате. „Марката со сигурност ќе го претстави своето купе во текот на следните две години со цел да привлече уште поголем број на купувачи,” заклучува Лабате.
Од неговите изјави може да се заклучи дека Abarth Coupe ќе се појави на пазарот некаде во втората половина на 2012.
|