Шефот на Alfa, Лука де Мео потврди дека врвот на понудата на MiTo ќе биде
моделот GTA кој ќе биде задвижуван од комплетно нов мотор и ќе биде
најмоќниот и најбрзиот автомобил во класата.
Она што е предмет на интерес кај секој љубител на автомобили
кога ќе се спомене Alfa е нејзинот срце, поточно моторот. Во MiТo GTA ќе работи нов
турбо бензинец со зафатнина од 1.750 cc кој ќе има
директно вбризгување и ќе испорачува 230 коњски сили на предна оска.
Тоа се далеку повеќе од 175 коњски сили на главниот ривал
Mini Cooper S и се доволни за да ја забрзаат MiТo GTA за 6,5
секунди до 100 km/h и да и овозможат максимална брзина од 240 km/h.
Импресивно нели!
Де Мео исто така истакнува дека MiТo GTA ќе има
меѓузабрзување од 80 km/h до 120 km/h кое е на ниво на една Alfa 8C
Competizione која орбитира во класата на супер спортски автомобили.
Променета е и геометријата на суспензијата кој
дополнително е спуштена и стегната и оди на рака со системот DNA на Alfa кој на
сопственикот му овозможува да избере еден од три модуси за возење, а за MiТo GTA ќе биде
специјално модификуван за во спортскиот модус да овозможи уште подинамички
возни својства со поостар одзив на педалот за гас и на воланот.
И бидејќи во MiТo GTA 230 коњски
сили се испорачуваат само на предна оска ќе биде вградена модификувана верзија
на системот Q2 кого го има и 147 GTA, а
функционира како електронска блокада на диференцијалот, активирајќи ја
сопирачката на внатрешното предно тркало додека се забрзува при излегување од
тесен свијок со што се подобрува тракцијата и нема непотребно пролизгување.
Сопирачките исто така ќе бидат модификувани и ќе нудат
уште поголема моќ на сопирање, коjа и кај обичната Alfa
MiТo се граничи со фантастика сопирајќи го автомобилот од 100 km/h до 0 за
само 34 метри.
Стилски MiТo GTA ќе се разликува по надуваните арки над тркалата, нови
преден и заден браник, поголем спојлер на кров и поголеми тркала од лесен метал
со карактеристичен дизајн.
Малечкиот спортист на Alfa треба да
пристигне во продажните салони некаде во 2009, најверојатно во втoрата половина
на годината, а цената би требало да стартува од околу 23.000 евра.
|