Откако предизвика енормно голем интерес за својот најмал
модел по претставување на првите неколку официјални фотографии Alfa конечно
одлучи да каже нешто повеќе за својот MiTo.
Причината лежи во фактот дека MiTo ќе биде на
располагање на купувачите веќе следниот месец. Значи продажбата стартува во
јули, прво на италијанскиот пазар, а понатаму и во Европа.
Под хаубата на почеток ќе работат три мотори. Два
бензинци и еден дизел. Бензинците ги застапува добро познатиот агрегат од 1.4
литри кој се нуди без и со турбо. Атмосферскиот 1.4 литарец испорачува само 78
КС. Смешно! Сепак, не.
Пред да тргнеме со критика Alfa
предупредува дека изборот е направен намерно за MiTo да може да
им се доближи на оние упувачи кои што туку се стекнале со возачка дозвола и
според европските регулативи не смеат да управуваат со помоќен автомобил.
Во турбо изведба 1.4 литарецот на предна оска
испорачува здрави 155 коњи кои овозможуваат максимална брзина од 215 km/h и спринт
до 100 km/h за 8 секунди. По снага меѓу бензинците е сместен новиот
1.6 литарски дизел JTDM кој нуди моќност од 120 КС и максимален вртежен момент
од 320 Nm при ниски 1.750 врт/мин.
Сите три мотори се врзани за шест степен мануелен менувач
заради подобро искористување на перформансите. Најслабиот мотор забрзува до 100
km/h за 12,3 секунди и вози максимални 165 km/h, додека
дизелот темпо 100 фаќа за 9,9 секунди, а брзинскиот плафон се наоѓа на 198 km/h.
Перформансите на моторите се поткрепени со одлично
избалансирана суспензија со опружна нога (амортизер вметнат во спирална
пружина) на секое тркало кои значително го смалуваат наведнувањето во свијок,
плус гарантираат успешно впивање на нерамнините.
Alfa MiTo сопира со помош на сопирачки од најновата генерација опремени
со големи сопирачки дискови напред вентилирани кои ги зафаќаат шест клипни
сопирачки клешти и поткрепени со ABS, EBD и ESP. Патот на
сопирање од 100 до 0 km/h изнесува застрашувачки 34 метри. На ниво на еден Porsche
911.
Безбедноста покрај вообичаените засилувања на
каросеријата и мноштвото воздушни перници дополнително ја поткрепува вградениот
мерач на алкохол во крвта кој не дозволува пијани да го стартувате автомобилот
и да возите.
MiTo иако е
најмалечката Alfa сепак, воопшто не е малечок автомобил. Во должина мери 4,06 метри, широк
е 1,72 метри и висок 1,44 метри со трага од 1.483 mm. При обликување на
каросеријата покрај дизајнерите голема улога имале и експертите за аеродинамика
бидејќи MiTo е автомобил со најнизок коефициент на отпор на воздух во
класата со вредност Cd 0,29.
Alfa кога е во прашање MiTo ги дели купувачите на оние што ќе
сакаат да бидат стилски препознатливи и на оние што од автомобилот ќе бараат
спортска нота и потврда за толку фаленото Cuore Sportivo.
За првите се подговтевни две нивоа на опременост Progression и Distinctive, а за
вториве два специјални спортски пакети наречени Sport и Рremium.
Понатаму на располагање се пет различни дизајни на
леснометалните бандажи кои варираат со големина од 16 до 18 инчи, десет бои на
каросеријата од кои 5 се металик, 7 различни бои на внатрешноста и дезени на
седиштата и облогите и две различни арматури Sprint и Competizione.
Што се однесува до цените и пристигнувањето на MiTo на
македонскиот пазар сеуште нема прецизни информации. Она што се знае е дека тоа
ќе се случи наскоро, а дотогаш да уживаме во галеријата.
|