|
Концептот е одговор на Pinifarina на поставеното барање од раководството на Alfa Romeo да се создаде кабриолет исклучиво двосед кој ќе потсетува на отворените двоседи на марката од минатото.

Од Alfa не негираат дека концептот именуван како 2uettottanta е еден вид модерна интерпретација на кабриолетот Duetto од 1966 кого филмскиот јунак Дастин Хофман го возеше во Дипломец.
Со тенкото издолжено тело широко 1,8 метри, долго 4,2 метри и високо 1,28 метри на кое штрчи само предното стакло и обоен во типичната жар црвена боја на Alfa Romeо, 2uettottantа е елегантен автомобил со чисти линии создаден на основа на филозофијата наречена „едноставен двосед”.
Alfa Romeo 2uettottantа носи турбо бензинец од 1.75 литри кој е поставен напред надолжно и ги задвижува задните тркала. Изборот на мотор треба да потсети на моделот 1750 Veloce од 1968 една од многуте верзии на славното кабрио на Alfa.
Се спомнува поставување на менувачот по принцип трансаксл заради подобар распоред на тежината, поголема стабилност и подобри динамички карактеристики на кои им служи и меѓуоскиното растојание од 2,5 метри.
Претставен како концепт Alfa Romeo 2uettottantа е многу блиску до автомобил којшто би можел да влезе во сериско производство иако со оглед на сегашната ситуација во компанијата тоа е малку веројатно да се случи.
Сепак еден концепт како 2uettottantа е одличен начин да се стане дел од прославите за 100 годишнината на Alfa Romeо и за прославата на 80 годишнината на Pininfarina.
|