|
Alfa после сите перипетии конечно го претстави долго очекуваниот наследник на 147 кој ќе го носи името Giulietta и со својот стил ќе ги опчини сите автомобилски заљубиеници со бензин во крвта.

После проблемите со работниците кои се бунтуваа зошто автомобилот да го носи името на нивниот град Милано во кој Fiat ги затвора погоните токму на местото каде што пред 99 години започна приказната за Alfa.
Одговорните веднаш најдоа решение и одлучија новиот модел место Milano да го носи името Giulietta, автомобил кој во педесетите ја разбрануваше фантазијата на генерации автомобилски ентузијасти кои токму поради Giulietta сонуваа да поседуваат Alfa Romeo.
Со комбинирање на спортското и елеганцијата, дизајнерите во Alfa Romeo Style Centre успеале да создадат автомобил кој освојува на прв поглед и мами воздишки. Несомнено Giulietta е вистинска Alfa чив дизајн е залудно да се коментира. Треба да се гледа.
Giulietta е поставена на ново развиена платформа која според инженерите на Alfa е конструирана за да ги задоволи очекувањата на најпребирливите купувачи во поглед на држење на пат, агилност и безбедност.
Супериорните динамички карактеристики се должат на цврстата и лесна структура на шасијата изработена од алуминиум и челик, нов начин на производство, нови технички решенија имплементирани кај суспензијата и нова генерација на систем за управување.
Како и MiTo и Giulietta профитира од системот DNA кој овозможува менување на карактеристиките на автомобилот во зависност од стилот на возачот и патните услови. Па така возачот може да бира меѓу трите модуси Dynamic, Normal и All Weather.
Системот DNA сериски кај сите верзии на Giulietta во зависност од изборот на модусот ги прилагодува параметрите на моторот, на системот за управување и на електронскиот самоблокирачки диференцијал Q2.
Дополнително кај верзиите опремени со VDC или електронската програма за стабилност на Alfa, ја контролира и логиката на однесување на овој систем.
Giulietta според димензиите не отскокнува од останатите конкуренти во класата. Во должина мери 4,35 метри, широка е 1,80 метри, висока е 1,46 метри има меѓуоскино растојание од 2,63 метри и багажник од 350 литри.
На почеток под хубата ќе работат четири трубо мотори два бензинци и два дизели сите опремени со системот Start&Stop, како што го нарекуваат во Alfa, заради смалување на потрошувачката и емисијата на издувни гасови.
Турбо бензинците ги застапуваат 1.4 ТВ со 120 КС и 1.4 ТВ Multiair со 170 КС, а турбо дизелите 1.6 JTDM со 105 КС и 2.0 JTDM со 170 КС.
Врвот од понудата ќе биде резервиран за верзијата Quadrofoglio Verde која ќе ја задвижува исклучително живиот турбо бензинец од новата генерација, така наречениот, 1750 TBi кој на предната оска ќе испорачува здрави 235 КС.
Моторите снагата до предните тркала ќе ја пренесуваат преку 5 и 6 степени мануелни менувачи, додека подоцна на располагање ќе биде и автоматик со две спојки, најверојатно со седум степени на пренос.
Во Alfa потврдуваат дека светската премиера Giulietta ќе ја доживее на салонот во Женева во март идната година, кога ќе се обелоденат сите детали за автомобилот, додека продажбата стартува веднаш потоа.
|