|
Голема е веројатноста наскоро да се случи нова алијанса меѓу производителите на автомобили. Станува збор за здружување на PSA Peugeot Citroen и Mitsubishi Motors, а преговорите се во тек.

Во моментот преговарачките тимови и на двете компании се наоѓаат во Токио, а целта е постигнувањето на финален договор за размена на акции. Сепак, според познавачите на приликите постојат неколку варијанти кои се во игра пред постигнувањето на финалниот договор.
Првично во преговорите се играло на варијанта PSA да добие управувачки пакет на акции од 51% во Mitsubishi со тоа што ќе плати 1.8 милијарди долари и ќе отстапи 18% од своите акции на јапонскиот производител.
Но, оваа верзија не наишла на взаемно разбирање пред се поради немоќта на PSA да одвои толкава сума на пари во готово. Затоа преговорите одат во друга насока каде Mitsubishi би требало да добие повеќе од 18% од акциите на PSA, додека францускиот гигант би добил помалку од 50% од акциите на Mitsubishi.
Претставник на одделот за односи со јавност во Peugeot потврдува дека менаџерите на двете компании сеуште преговараат во Токио, но сеуште не се коментира исходот од преговорите.
Анализите кои што ги прават експеритет велат дека без оглед на желбите за соединување изгледите за алијанса меѓу PSA и Mitsubishi се мали, затоа што на јапонскиот производител во моментов му треба готовина, додека французите би отстапиле дел од акциите бидејќи не располагаат со готовина.
Меѓутоа се поголемата соработка меѓу PSA и Mitsubishi која покрај заедничкото производство на фамилијата Outlander и фамилијата i-MIEV вклучува и заедничка фабрика во Русија природно води кон создавање алијанса.
Доколку дојде до здружување на овие две компании после Renault – Nissan и Volkswagen – Suzuki тоа ќе биде третата по големина алијанса меѓу европски и азиски производители на автомобили.
|