|
Аudi уверува дека ова лето со стартот на продажбата на А1 ќе понуди сосема нова димензија во класата на премиум мали автомобили и очекува дека ќе ги загрози позициите на своите конкуренти.

Први зад волан на најмалиот модел на Audi чие производство беше најавено за минатата есен и кого светската јавност ќе може да го види во живо на салонот во Женева седнаа германските фудбалски ѕвезди играчи на Bayern, Филип Лам и Бастијан Швајнштајгер.
На почеток Audi A1 ќе се нуди само во верзија со три врати, додека подоцна ќе следи и верзијата со пет врати Sportback чив концепт веќе беше претставен на салонот за автомобили во Париз во 2008, а во план е и кабрио.
Како што се очекуваше сериската верзија на А1 дизајнерски е многу блиска до концептот Metroproject Quattro претставен на салонот во Токио во 2007. Задржани се дури и носечките лакови на кровот кои се обоени различно од каросеријата.
Потполно ист е и задникот со малиот спојлер кој штрчи од кровот и трапезоидните светла кај кои е задржана оригиналната оптика. Единствено браникот во долниот дел е обоен црно, а двете издувни цевки сега стојат една до друго.
Најголемите измени се во предниот дел каде е поставен нов браник со нова маска кои личат на останатите сериски модели на Audi и нови предни светла со актуелната оптика на производителот од Инголштад.
Еден вреден дизајнерски детал кој би можел да се задржи и кој би го направил А1 уште повпечалив е капачето од резервоарот кое кај концептот е од алуминиум.
За идентичност говори и ентериерот кој исто така ги следи дизајнерските смерници на концептот. Секако за во сериската верзија ентериерот е многу поедноставен и не се користени толку благородни материјали за преслекување на арматурата како што е алкантара.
Сепак, ентериерот во најдобрата традиција на Audi е изработен од квалитетна и мека пластика со елементи на централната конзола, вратите и задните странични потпирачи за раце преслечени со кожа и детали од полиран не`рѓосувачки челик.
Според дизајнерите на Audi арматурата треба да потсетува на авионско крило, а тркалезните отвори за проветрување на турбинте на млазните мотори обесени под крилото.
Голема предност на А1 е можноста за персонализација како на ентериерот така и на екстериерот. Мноштво на различни материјали и бои за кабината и исто така мноштво од бои за каросеријата.
Од Инголштад тврдат дека купувачите ќе можат да избираат од до...оолгиот список на детали кроејќи го А1 според индивидуалните желби и воедно создавајќи своевиден уникат.
На списокот на опции е и последната генерација на мултимедијалниот интерфејс MMI со сателитска навигација кој беше претставен во знаменосецот Audi A8 и кој доаѓа дополнет со посебно скроениот аудио сараунд систем од Bose со моќност од 465 W.
За разлика од концептот Metroproject Quattro кој како што асоцира името имаше погон на четири тркала од кои задните ги задвижуваше електромотор сврстувајќи го во групата на plug-in хибриди, серискиот А1 доаѓа само со погон напред.
Како што е познато Audi A1 е поставен на нова платформа развиена од VW Group и на која веќе се поставени новата генерација на Skoda Fabia, Seat Ibiza и Volkswagen Polo.
Но, за да ги задоволи критериумите на Audi платформата е модификувана со цел да се добие подобри динамички карактеристики на А1, попрецизно управување и спортско чувство зад волан за да може да им се парира на Mini и на Alfa MiTo.
Audi A1 во должина мери 3.950 mm, широк е 1.740 mm и висок е 1.420 mm со меѓуоскино растојание од 2.470 mm и багажен простор од 267 литри кои со соборување на задните седишта се зголемува до 920 литри.
Најмалиот модел на Audi е еден од најлесните во класата со тежина од 1.045 kg и со одлична тежинска распределба за еден автомобил со погон напред бидејќи само 61 до 63 проценти од тежината ја оптоваруваат предната оска.
Добрата тежинска распределба е добиена со паметно користење на материјали и со паметно распоредување на пратечките компоненти на погонската група како на пример поставувањето на акумулаторот во подот на багажникот.
Движечка сила на А1 се два бензински мотори и еден дизел во две изведби. Сите мотори имаат турбо натполнење, директно вбризгување и систем Старт/Стоп. Новиот 1.2 литарски турбо бензинец TFSI со 86 КС и вртежен момент од 160 Nm расположиви меѓу 1.500 и 3.500 врт/мин е стартот на понудата.
Тој е спарен со пет степен мануелен менувач и овозможува забрзување до 100 km/h за 12,1 секунди и максимална брзина од 179 km/h. Просечната потрошувачка е 5,1 L/100 km, а емисијата на СО2 изнесува 119 g/km.
Вториот бензинец во понудата, а воедно и најмоќниот агрегат најавен за стартот на продажбата на А1 е 1.4 литарскиот TFSI кој остварува 122 КС и вртежен момент од 200 Nm распоредени меѓу 1.500 и 4.000 врт/мин.
Спарен со автоматскиот менувач со две спојки S Tronic, 1.4 литарецот го забрзува А1 до 100 km/h за 9,1 секунди и го води до максимални 200 km/h. Комбиниран со 6 степен мануелен менувач овој мотор нуди забрзување до темпо 100 за 9,2 скунди.
Просечната потрошувачка на А1 1.4 TFSI со S Tronic изнесува 5,1 L/100 km, додека со мануелениот менувач просечната потрошувачка се искачува на 5,4 литри на 100 изминати километри.
Дизелската понуда ја комплетира 1.6 литарскиот TDI со 90 и 105 КС и максимален вртежен момент од 230 и 250 Nm и во двата случаи расположиви од 1.500 до 2.500 врт/мин. И двата мотори се споени со мануелен менувач со 5 степени.
Забрзувањето до 100 km/h изнесува 12,2 и 10,8 секунди соодветно. Mаксималната брзина 179 и 185 km/h, a просечната потрошувачка 3,8 и 3,9 L/100 km. Послабата дизелска верзија има емисија на СО2 од 99 g/km.
Audi сериски го испорачува А1 со електронски ситем за контрола на стабилноста ESP и со електронски самоблокирачки диференцијал кај кого инженерите успеале да извлечат карактеристики слични на механички самоблокирачки диференцијал.
Нема сомение дека Audi A1 е атрактивен автомобил кој ќе наиде на голем одзив кај младата урбана публика ориентирана кон лајфстајл каде голем број се жени заинтересирани за музика, дизајн, мода и спорт.
Продажбата треба да стартува пред почеток на летото по цена од околу 16.000 евра.
|