|
Веднаш по објавувањето на протечената информација за брошурата на новиот RS5, Audi одлучи и официјално да го претстави својот нов тркач развиен од спорткиот оддел Quattro GmbH.

Audi RS5 е најновото чистокрвно грло создадено од инженерите кои пред 15 години го претставија Audi RS2 Avant и оттогаш не престанаа да ги одушевуваат автомобилските вљубеници со своите креации.
Под хаубата на RS5 работи високотуражниот атмосферски V8 со зафатнина од 4.2 литри и директно вбризгување на горивото преку заеднички вод познат од модерните дизели како common-rail систем кој во RS5 има работен притисок од 120 бари.
Со модификување и фино поддесување на системот за управување со брегастите вратила, издувот и системот за вшмукување инженерите му овозможиле на моторот да диши полесно и да обезбеди голем вртежен момент при ниски и да го задржи на максимум при висок број на вртежи.
Скоро како кај тркачки мотор. Воедно моторот одушевено ги прифаќа високите вртежи и притоа испушта сонорен звук кој ги милува ушите, наежува и го крева адреналинот.
Модификуваниот 4.2 литарскиот V8 во RS5 испорачува 450 КС при 8.250 врт/мин и остварува максимален вртежен момент од 430 Nm во распон меѓу 4.000 и 6.000 врт/мин и според информациите од Audi во просек троши 10,8 L/100 km.
Доволно за купето тешко 1.725 kg да спринтува до 100 km/h за 4,6 секунди и да оди до електронски ограничени 250 km/h, или по желба на купувачот повторно на електронски ограничени 280 km/h.
Снагата до сите четири тркала се пренесува преку 7 степен автоматски менувач со две спојки S Tronic со три модуси на работа Auto, Comfort и Dynamic и можност за мануелно менување на степените.
Менувачот исто така претпрел одредени модификации и дополнително и зајакнат за трајно да ги издржи напрегањата предизвикани од моќниот V8.
Перманентниот погон на четири тркала Quattro за во RS5 добива централен самоблокирачки диференцијал од нова генерација кој го распределува вртежниот момент предна задна оска 40:60 погоден за спортски и неутрални возни карактеристики.
Секако распределбата на вртежниот момент напред/назад не е фиксна. Во зависност од условите на возење предната оска може да добие до 70% од вртежниот момент, а задната оска до 85%.
Централниот дференцијал за распределбата на вртежниот момент добива информации од сензорите на тркала. Доколку во свијок некое од внатрешните тркала почнува да пролизгува тогаш системот малку го забавува тркалото со што обезбедува масивна тракција и го помага свртувањето.
Како опција Audi нуди дополнителен спортски диференцијал на задната оска кој активно го распределува вртежниот момент меѓу задните тркала со што дополнително ја зголемува стабилноста и способноста за совладување на свијоци кај RS5.
Дополнителен фактор за обезбедување на извонредни возни карактеристики е и модификуваното подвозје кое се состои од покуси и поцврсти пружини, поефикасни амортизери отпорни на прегревање и стабилизатори со еластокинематски врски со шасијата и елементите од потпирањето.
Спортската конфигурација на суспензијата го приближува RS5 за 20 mm побликсу до подлогата и покрај одличното лежење на пат може да понуди и доза на комфор потребна за секојдневно возење како низ град така и на отворено.
Стандaрдно RS5 доаѓа со леснометални бандажи од 19 инчи обуени во гуми 265/35, додека како опција во понудата стојат поголеми 20 инчни бандажи и гуми 275/30. Audi нуди и посебни зимски леснометални бандажи со исти димензии, а само на помалите на оние од 19 инчи смеат да се монтираат синџири за снег.
За сопирањето се задолжени огромните самовентилирачки бушени дискови од 365 mm напред кои ги зафаќаат шест клипни сопирачки клешти оличени со логото на RS. Како опција Audi за предните тркала нуди карбон-керамички дискови со дијаметар од 380 mm.
Техничките новини кај RS5 се заокружуваат со подвижниот спојлер поставен на капакот од багажникот кој стои сокриен до брзина од 120 km/h кога автоматски се извлекува обезбедувајќи дополнителен потисок кон подлогата заедно со дифузорот. Спојлерoт автоматски се враќа на место кога брзината ќе се спушти под 80 km/h.
Продажбата на Audi RS5 стартува на пролет по основна цена од 77.700 евра.
|