Долго очекуван Audi Q5 конечно ја доживеа
својата светска премиера на салонот за автомобили во Пекинг. И заедно со
ривалот од Mercedes, GLK ќе се обидат да го симнат BMW Х3 од
тронот.
Q5 е далеку од малечок автомобил. Во должина мери 4,63
метри, во ширина 1,88 метри и во висина 1,65 метри со меѓуоскино растојание од
2,81 метри. Без оглед на димензиите Audi Q5 има најнизок
коефициент на отпор на воздух во класата со индекс Cd=0,33.
Оваа вредност и годи на потрошувачката и емисијата на
издувни гасови, но и на перформансите. Сепак, тука не застанува иновативноста
на Audi. Голем напор е вложен и во заштедата на тежина, а тоа е
постигнато со обилно користење на алуминиум за делови од каросеријата како
хаубата и задната огромна врата.
На стартот Audi Q5 доаѓа со три
мотори еден бензинец и два TDI. Карактеристично за моторите е што без оглед на горивото
што согорува во нив сите имаат директно вбризгување и се опремени со турбо
полначи.
Бензинците ги застапува 2.0 литарскиот TFSI кој во Q5 остварува
211 коњски сили и максимален вртежен момент од 350 Nm, доволни за
спринт до 100 km/h за 7,2 секунди и максимална брзина од 222 km/h. Сето ова
е проследено со просечна потрошувачка од 8,5 литри бензин на 100 изминати
километри.
Дизелите пак ги застапуваат две опции 2.0 и 3.0 литарски TDI.
Помалиот наместен да истискува 170
коњски сили и ист вртежен момент како и бензинецот. Забрзувањето до 100 km/h во
случајов изнесува 9,5 секунди, а стрелката од брзиномерот застанува на 204 km/h со
просечно потрошени 6,7 литри дизел.
3.0 литарскиот V6 е најмоќниот мотор
што работи под хаубата на Audi Q5, барем за сега. Испорачува 240 коњски сили и мрсен
вртежен момент од 500 Nm кои го катапултираат до темпо 100 за 6,5 секунди и
максимални 225 km/h со просечна потрошувачка од само 7,7 литри дизел на 100
километри.
Во трите случаи снагата се испорачува до сите четири
тркала преку мануелен шест степен менувач, а за 2.0 TFSI и 3.0 TDI е
резервиран и новиот седум степен менувач со две спојки DSG со палки
за менување на степените во мануелен модус на работа сместени кај воланот.
Сите верзии се опремени и со системот за безбедно
спуштање по надолнина при возење на терен.
Кабината е доволно пространа за удобен превоз на пет
возрасни патници и нивниот багаж, бидејќи багажникот зафаќа волумен од 540 литри,
а има можност и за местење на аголот на потпирачот на задната клупа. Кога
задната клупа целосно ќе се склопи тогаш во Audi Q5 се отвора
бункер со волумен од 1.560 литри.
Багажникот понатаму може да биде опремен со лизгачки шини
за прицврстување на товарот и мрежа за поделба на багажникот по секции. Сето
ова е познато од претходните модели на Audi и доаѓа со
доплата. Врвно опремените преимероци имаат детали од четкан алуминиум,
ексклузивни видови дрво, хром, кожа и алкантара.
Понатаму во опремата се нуди отклучување/заклучување и
стар на возилото без клуч, систем кој го надгледува притисокот во гумите, голем
панорамски кров, клима уред со три зони на разладување, завеси за задните
странични стакла, адаптибилни светла за во свијок и секако неизоставната
електрична задна врата исто како кај постариот и поголем брат Q7.
Цената е сеуште непознаница, но се претпоставува дека
основниот модел ќе стартува од околу 35.000 европски банкноти.
|