Производителот од Инголштад не ги сокрива намерите за
освојување на сегментите каде владеат малечки автомобили. Новост е новиот
градски автомобил со зелена етикета на себе.
Audi одлучи да го подготви светот за новот градско зелено
чудо кое ќе биде најмалиот, но и еден од најубавите автомобили што ги красат
четирите круга.
Малечкото ќе биде поставено на платформата на својот брат
близнак економичниот Volkswagen up! Но, ќе нуди сосема поинаков стил. Audi се
подготвува да понуди необична мешавина на премиум автомобил наменет исклучиво
за во град кој ќе се фати во костец со Fiat 500, Ford
Ka и Toyota iQ.
Информациите кои доаѓаат од седиштето на Audi наговестуваат
дека автомобилот ќе се појави на салонот во Женева во март следната година.
Според компјутерски генерираните фотографии направени врз
основа на сознанијата кои доаѓаат од Audi, јасно е дека
малечкото ја носи каросеријата на up!, но разјапената
предната маска, препознатливите светла, надуваните арки над тркалата, праговите
и извајаниот задник недвојбено нагласуваат за што всушност станува збор.
Покрај добриот стајлинг купувачите кои ќе се свртат кон
малекиот зелен Audi најмногу ќе ги интересира потрошувачката и емисијата на
издувни гасови, посебно на СО2.
Всушност последново треба да биде и најголемата реклама
за зелениот Audi. А таа ќе биде поткрепена со два нови двоцилиндрични
агрегати, дизел и бензинец, со зафатнина од 600 сс и со турбо натполнење.
Просечната потрошувачка не би требало да надмине 3,0 L/100
km додека емисијата на СО2 ќе биде под 100 g/km.
Секако овие два агрегати се само дел од погонската
приказна. Од Audi најавуваат и верзија на електричен погон, но исто така се
размислува на купувачите да им го понудат и 1.2 литарскиот трицилиндричен
бензинец.
Комерцијализацијата на моделот кој сеуште официјално нема
име е закажана за во 2012.
|