|
Несомнено Audi се подготвува во Женава да ја прикаже најбруталната верзија на купето А5 која во најдобрата традиција на компанијата ќе ја носи ознаката RS5 карактеристична за спортистите од Ингоштад.

Доказ за намерите на Audi се протечените фотографии од RS5 кои се објавени во една брошура која е наменета за интерна употреба на дилерите на Audi. Од фотографиите се забележува дека RS5 Coupe има специфични дизајнерски елементи на каросеријата кои го разликуваат од послабиот брат S5 Coupe.
Крилата се понадувани во споредба со S5 и RS5 му даваат призвик на легендарното Quattro Coupe на Audi. Новиот преден браник има поголеми отвори за воздух што го прави RS5 визуелно далку поагресивен.
Како додаток на агресивноста е и отсуството на хоризонтална пречка на предната маска која кај RS5 е изведена во форма на пчелино саќе. Лутиот дизајн се насетува и одзади каде доминира новиот браник со вкомпониран дифузор и огромните елипсовидни издувни цевки на краевите.
Може да се забележи и блага измена на оптиката и на предните и назадните светла во делот на светлечките диоди, а нови се и леснометалните бандажи. Спојлерот е повлечен во капакот на багажникот и излегува при поголеми брзини.
Измените во кабината се помалку суштествени во однос на S5 и се однесуваат само на козметички додатоци какои комбинација на бои и задолжителните логоа на RS5 втиснати во потпирачите на предните спортски седишта.
Се очекува под хаубата да биде вгнезден 4.2 литарскиот турбо V8 познат од RS4 кој најверојатно ќе истискува повеќе коњски сили. Максималната моќност би требало за малку да ја надмине границата од 450 КС.
Снагата ќе се пренесува на сите четири тркала преку автоматскиот менувач со две спојки S Tronic, најверојатно со осум степени на пренос претставен во новиот А8 и со можност за менуелно менување на степените.
Очекувањата дека под хаубата на RS5 ќе работи моќниот V10 битурбо од RS6 најверојатно нема да се остварат заради високата цена и ценовната категорија во која треба да влезе RS5.
Премиерата на RS5 ќе се случи во Женева, но продажбата би требало да стартува некаде на лето. Цената ќе биде обелоденета во Женева.
|