|
Одговорните во Bentley гордо објавуваат дека развојот на супер луксузната лимузина Mulsanne е завршен и дека автомобилот сега е подготвен за да влезе во сериско производство.

Производството на секој примерок на Bentley Mulsanne ќе трае точно 9 седмици. Лимузината ќе се произведува рачно и ќе чини околу 260.000 евра нето цена.
Секој клиент кој што ќе го порача Mulsanne ќе може да избира од мноштвото на бои како за каросеријата така и за во кабината и безмалку неограничената понуда на опции за исполнување и на најпрефинетите, но и на најчудните желби.
Претворено во бројки сето ова значи дека на располагање стојат 114 бои на каросеријата, 21 различни бои и дебелина на килимите во кабината, 9 различни видови на дрво за ентериерот и 24 различни видови и бои на кожа.
Во Bentley истакнуваат дека покрај на дизајнот, квалитетот на изработка и изборот на бои и опции, големо внимание е посветено на мирисот на материјалите кои го даваат впечатокот на нов автомобил.
Секако на располагање стојат и посебните нарачки за клиентите спремни да платат и повеќепати повисока цена од објавената.
И за крај еден светски рекорд поврзан со Bentley Mulsanne. Лимузината ќе биде опремена со најмоќниот аудио систем што некогаш е монтиран во сериски автомобил.
Аудио системот во Bentley Mulsanne има моќност од 2.200 W, или ако повеќе милувате 2,2 kW, а звукот се репродуцираа преку 20 звучници.
Првите примероци ќе бидат испорачани во март 2010.
|