Нема сомневање дека растечките цени на горивата
стимулираат раст на продажбата на малите автомобили со што тие стануваат се
попопуларни меѓу купувачите.
Тоа е главната причина зошто производителите претставуваат
се повеќе комапaктни автомобили, па дури и на пазарот во САД каде што
традиционално горивото е многу поевтино од било каде.
На овој тренд се надоврзува и BMW. Баварците
за помалку од еден месец ќе го пуштат во продажба купето од серија 1 во Европа,
а на пролет се очекува негово лансирање и на пазарот во САД.
Факт е дека до пред неколку години на BMW немаше
ниту да му падне на памет да претстави еден ваков модел во САД, што е причина
зошто комбилимузината на серија 1 никогаш не стигна до таму.
Но, со наглиот скок на цената на суровата нафта оваа
седмица, одговорните во BMW очекуваат уште поголем скок на цената на горивата што
автоматски би требало да генерира интерес за мали автомобили.
„Веруваме дека се случуваат промени на глобално ниво, а
посебно на пазарот во САД. Зголемувањето на цените на горивата значи дека
купувачите стануваат се позаинтересирани за автомобили што штедат,” изјави
Фалко Радомски проект-менаџер на серија 1.
Во Европа каде цената на горивата е два пати повисока
отколку во САД, серија 1 е втора по продажба, веднаш зад серија 3. Затоа сега се
очекува истиот тренд да ја мине големата бара и да продолжи и во САД.
Се оди и на тоа дека купето од серија 1 ќе го придвижи BMW малку
удолу во однос на цените што дополнително би требало да допринесе за неговата
популарност.
|