|
BMW официјално ја претстави својата нова подмарка која ќе биде означена со буквата „i” и под која ќе се продаваат идните возила на производителот задвижувани од електричен и хибриден погон.

Првите модели кои ќе пристигнат на пазарот се малиот градски автомобил i3 и моќниот спортски хибрид i8. Кон крајот на минатата година најавивме дека BMW регистрирал девет трговски марки од i1 до i9, но ова беше неофицијално.
Неофицијaлна беше и најавата дека првиот автомобил што ќе произлезе од оваа нова марка на BMW ќе биде токму спортскиот хибрид i8 способен за максимални 250 km/h и спринт до 100 km/h за помалку од 5 секунди.
Но, сето ова сега станува реалност во BMW. Новата генерација на еколошки модели на BMW кои ќе ја носат ознаката „i” ќе бидат поставени на нова платформа наречена LifeDrive.
Платформата е составена од алуминиумска шасија која ја носи механиката, моторот, менувачот, подвозјето, додека изклучително цврстата кабина е создадена од пластика зајакната со карбон-фибер.
Секако ова е генералната структура на возилата од подмарката „i”. Сепак, секое од нив ќе биде созадаено специфично според намената. Па така градскиот i3 ќе се разликува од спортскиот i8.
BMW i3 ќе биде првиот сериски произведуван електромобил на производителот од Минхен и е наменет за возење во густо населените градови во чии еколошки зони ќе имаат пристап само возилата со нулта емисија на СО2.
Го задвижува електромотор од 170 КС и максимален вртежен момент од 250 Nm. Во кабината има 2+2 места за седење, а енергијата доаѓа од литиум-јонски батерии кои овозможуваат автономија од 160 km.
Од друга старана BMW i8 ќе биде скроен според студијата Vision EfficientDynamics и ќе биде plug-in хибрид со перформанси на ниво на спортски автомобил и потрошувачка и емисија на издувни гасови на ниво на градски автомобил.
Турбо дизелот од 1.5 литри и три цилиндри служи за напојување на литум-јонски батерии, а двата електромотори, по еден на предна и задна оска имаат здружена моќност од 356 КС и максимален вртежен момент од 800 Nm.
Погонот е на четири тркала, автономијата само на батерии 31 km. Просечната потрошувачка е 3,76 l/100 km, додека емисијата на СО2 e 99 g/km. Коефициентот на отпор на воздух Cd 0,22, а во кабината има 2+2 места.
Автомобилите од новата подмарка на BMW ќе се произведуваат во фабриката во Лајпциг во која ќе бидат инвестирани 400 милиони евра и ќе се отворат 800 работни места. Производството треба да стартува во 2013 година.
|