|
Ете и тоа се случи. После многу претпоставки и шпијунски фотографии BMW и официјално ја претстави новата генерација на Серија 5 која стилски драстично се разликува од претходникот.

Сличностите со поголемата Серија 7 се евидентни посебно во предниот дел. Но, гледано од страна и одзади новата Серија 5 делува компактно и спортски како една Серија 3, не лимузински како поголемиот брат.
Сепак, според димензиите Серија 5 е далеку од компактен автомобил. Во должина мери 4.899 mm што е за 58 mm повеќе од претходникот, додека меѓуоскиното растојание е поголемо за цели 80 mm и изнесува 2.968 mm и е најголемо во сегментот.
Ширината на новата петка изнесува 1.860 mm, a висината 1.464 mm. Поголемите димензии значат и повеќе простор во внатрешноста. Оваа Серија 5 на задните седишта нуди за 13 mm повеќе простор за колена во однос на актуелниот модел.
Багажникот нуди волумен од 520 литри, а дополнителната предност на багажникот се сокрива во можноста за делење на задната клупа која се преклопува во сегменти со сооднос 40:20:40.
Во превод ова значи дека доколку има потреба остава простор назад средишно да се вози еден патник, додека лево и десно од него можат да се превезуваат подолги предмети.
Очигледно е дека простор и варијабилност не му недостасуваат на новиот седан на BMW иако сето ова е очекувано ако се знае дека почива на платформата на која стои и Серија 7 исто како и близнакот Серија 5 GT.
Земањето на заем на платформа од поголемата Серија 7 значи дека Серија 5 напред повеќе не користи потпирање со опружна нога од типот Мекферсон. Сега користи попречни триаголни водилки горе, врзани со две попречни водилки долу, а одзади останува врската мултилинк.
Инженерите од BMW уверуваат дека на овој начин е подобрено управувањето, лежењето на пат и комфорот. Воедно Серија 5 профитира од системот наречен Active Steering или активно управување.
Системот овозможува при маневрирање и при ниски брзини предните тркала да се свртуваат со поголем агол со мало свртување на воланот без потреба да се мота и да се прекрстуваат рацете. При високи брзини при исто свртување на воланот тркалата се свртуваат со помал агол. На овој начин се оптимизира управувањето и се постигнува поголема прецизност посебно кога се вози низ свијоци.
Интегрираниот систем при маневрирање и при ниски брзини воедно овозможува свртување на задните тркала спротивно од предните до агол од 2,5 степени. На овој начин се зголемуваат маневарските способности на автомобилот што е од пресудно значење на тесен паркинг и во услови на градски метеж. Сето ова функционира до брзина од 60 km/h. Потоа системот автоматски се исклучува.
Покрај интегрираниот Active Steering, Серија 5 е опремена и со електрично серво - Electric Power Steering, варијабилна контрола на придушување на ударот кај амортизерите или Variable Damper Control, динамична контрола и конфигурирање на суспензијата во зависнот од условите на патот и желбите на возачот или Drive Dynamic Control која има четири режими на работа Normal, Comfort, Sport и Sport +.
Ова се само дел од системите кои стојат на располагање во новата Петка опремена и со системот Brake Energy Regeneration кој овозможува енергијата добиена од сопирачките при сопирање да се складира во акумулаторот. Дел од верзиите на Серија 5 ќе бидат опремени и со системот Старт-Стоп.
Под хаубата на новата Серија 5 во основа ќе работат седум мотори, со можност за проширување на понудата понатаму. Се работи за четири бензински мотори и три дизели.
Експертите за продажба во BMW го ставаат акцентот на дизелите бидејќи очекуваат дека тие ќе носат поголем дел од продажбата на новата Серија 5 во Европа, додека пазарот во САД треба да ги проголтува големите бензинци.
Дизелската понуда стартува со четири цилиндричниот 2.0 литарски турбо кој остварува моќност од 184 КС и максимален вртежен момент од 380 Nm доволни за спринт до 100 km/h за 8,1 секунди и максимална брзина од 227 km/h. 520d во просек троши 5 литра дизел на 100 изминати километри.
Следниот во понудата е 525d кој носи 3.0 литарски линиски 6 цилиндричен турбо дизел со моќност од 204 КС и максимален вртежен момент од 450 Nm. Овој модел стотка фаќа за 7,2 секунди и достигнува максимални 236 km/h со просечна потрошувачка од 6,2 L/100 km.
BMW 530d во основа го носи истиот мотор како и 525d, но за разлика од него остварува 254 КС и максимален вртежен момент од 540 Nm. Спринтот до 100 km/h трае само 6,3 секунди, а максималната брина е електронски ограничена на 250 km/h. Просечната потрошувачка изнесува 6,3 L/100 km.
Бензинската понуда стартува со 523i во кого работи 3.0 литарски атмосферски линиски 6 цилиндарец кој остварува 204 КС и максимален вртежен момент од 270 Nm доволни за да ја забрзат петката до темпо 100 за 7,9 секунди и да ја одведат до максимална брзина од 238 km/h со просечна потрошувачка од 7.6 L/100 km.
Следен бензинец е 528i моторот е ист како и кај 523i но остварува 258 КС на повисоки вртежи 6.600 наместо 6.100 врт/мин. Максималниот вртежен момент е 310 Nm. За спринт до 100 km/h му требаат 6.6 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 250 km/h. Овој бензинец во просек троши 7,8 L/100 km.
BMW 535i го користи новиот 3.0 литарски твинтурбо бензинец со VALVETRONIC кој остварува 306 КС и максимален вртежен момент од 400 Nm. 535i стотка фаќа за 6.0 секунди и вози до максимални електроснки ограничени 250 km/h и во просек троши 8,5 L/100 km.
Врвот од понудата е резервиран за 550i под чива хауба работи исто така новиот 4.4 литарски V8 твинтурбо бензинец со снага од 407 КС и максимален вртежен момент од 600 Nm. Спринтот до 100 km/h во 550i трае 5.0 секунди, а максималната брзина е електронски одграничена на 250 km/h.
За сите оние кои сакаат да уживаат во бришкање од преку 250 km/h, во BMW нудат спортски пакет за 550i каде блокадата е отстранета за да се достигнат максимални преку 280 km/h. 550i во просек троши 10,4 L/100 km.
Сите модели на новата Серија 5 сериски се нудат со шест степен мануелен менувач, додека како опција се нуди новиот 8 степен автоматски менувач Steptronic. BMW 550i, пак, во серија доаѓа со 8 степениот автоматик. Кај него друга опција не постои.
Покрај системите за подобрување на динамиката, новата Петка доаѓа и со еден куп безбедносни системи и користи нови технологии како Head-up Display, системот Night Vision за навремено забележување на пешаци ноќе, предупредување при случајно напуштање на коловозната лента Lane Departure Warning, понатаму систем за предупредување при надминување на брзинското ограничување Speed Limit Info...
Тука е и новиот систем Surround View кој користи камери сокриени во страничните ретровизори за подобар преглед околу возилото и работи во комбинација со системот Park Distance Control и овозможува поглед од 360 степени околу возилото кој се прикажува на екранот од четвртата генерација на системот iDrive.
Производството на новата Серија 5 ќе се одвива во фабриката на BMW во Динголфинг на производните ленти каде што се склопува и поголемата Серија 7 со обилно користење на заеднички компоненти.
На овој начин истакнуваат од BMW ќе се обезбеди производ направен со супериорен стандард за квалитет кој ќе ги надмине поставените одредници за квалитет во сегментот.
Продажбата на новата Серија 5 во Европа стартува во март следната година.
|