|
BMW ја најавува премиерата на новиот М6 за салонот во Женева и не заборава да нагласи дека моделот ќе биде најмоќното купе во историјата на марката кое се произведувало сериски.

Под хауба на М6 ќе брмчи бензинецот со два турбо полначи и осум цилиндри во V распоред познат од М5 кој испорачува 560 КС и 680 Nm и се очекува да понуди уште полути перформанси во купето.
Причината за подобрите перформанси на М6 се сокрива во пониската тежина. Имено инженерите на BMW M GmbH се одлучиле на неколку радикални зафати за да постигнат врвни перформанси и возна динамика.
Кровот на М6 како и страничните панели се изработени од карбон-фибер со што се смалува тежината за поотровни перформанси и се спушта тежиштето на автомобилот за подобра возна динамика.
За сопирање ќе бидат задолжени карбон-керамички дискови кои веќе се најавени и за во М5. Тие се полесни и нудат поголема отпорност на абење и на прегревање кога се вози на нож.
Сепак М6 нема да биде ултра спортски автомобил туку типичен Gran Tourer со спортски перформанси наменет подеднакво и за на писта и за во редовен сообраќај наведуваат од BMW.
Но, од М GmbH посакуваат и еден ултраспортист. Според шефот за развој на одделот М, Алберт Бирман во моментот се размислува за суперспортист и разговорите се доведени скоро до крај.
Единствено што се чека е зелено светло од раководството во Минхен, а доколку тоа се добие тие се подготвени да го направат најдобриот суперспортист на планетата којшто ќе се произведува сериски.
|