Набрзо по откривање на шпијунските фотографии на Серија 1
купе, BMW го објави првите официјални информации и детаљи за
новиот автомобил кој веќе ја разбранува јавноста.
Врвот на понудата на Серија 1 купе ќе биде 135i со
бензинскиот 3.0 литарски битурбо кој нуди 306 коњски сили и вртежен момент од
400 Nm од своите шест цилиндри излеани од лесна легура и магнезијум. 135i е способен
да забрза до темпо 100 за 5,3 секунди пред да влета во електронски ограничените
250 km/h.
Благодарение на директното вбризгување и системот на
управување со вентилите Bi-VANOS моторот со зафатнина од точно 2.979 кубни сантиметри
остварува просечна потрошувачка од 7,6 литри на 100 km, а
емисијата на CO2 ја спушта на 220 g/km.
Економичноста дополнително ја зголемува системот за регенерација на енергијата
при сопирање кој е дел од новата технологија на BMW наречена „Ефикасна
динамика”.
На 135i му се придружува подеднакво спортскиот дизел 123d со 204 КС
од 2.0 литарски битурбо. Со вртежен момент од 400Nm расположив
од 2.000 врт/мин додека максималниот број на вртежи ја преминува границата од
4.400 врт/мин без пад на максималната моќност.
Перформансите се подеднакво импресивни со 7 секунди
потребни до стотка и максимална брзина од 240 km/h додека
просечната потрошувачка се држи на 4,3 литри.
123d доаѓа со старт/стоп систем, регенерација на
енергијата при сопирање, трета генерација на вшприцување common-rail, филтер за
честички чад, активна аеродинамика, електрично серво и гуми со мал отпор при
тркалање.
Влезот во купето од серија 1 е обезбеден за 120d кој од 2.0
литарскиот дизел добива 177 КС и најголема економичност со просечни 4 литри.
Сите модели можат да се добијат и со спортскиот пакет М
како опција кој вклучува 17 инчни бандажи за двата дизели и 18 инчи за 135i. Пакетот
дополнително вклучува препознатливи аеродинамички детаљи, спортска суспензија,
спортски седишта и кожен волан со беџ М.
 

|