Актуелната Серија 3 или како што во BMW ја нарекуваат генерација Е90 се
наоѓа на пазарот од 2005 и оттогаш доживеала само ситни измени, но затоа
фејслифтот носи многу новини.
Во BMW молчеле минатите 3
години и се подготвувале на пазарот да лансираат еден високотехнолошки бисер
кој треба конкуренцијата да ја фрли во очај, а светот премиерно ќе може да го
види на есен на салонот во Париз.
Забележливо на прв поглед е поспортскиот лик и кај седанот и кај комбито.
Шефот на дизајн во BMW,
Адријан Ван
Хoјдонк нагласува дека измените во дизајнот се направени со цел да се нагласи
ширината на автомобилот.
За таа цел поставен е нов браник напред кој личи како да е извајан со
впечатливи форми и засеци, ново обликувани предни светла и нова профилирана
хауба. Од страна се забележуваат новите ретровизори, а одзади го красат нови
светла и капак од багажникот. Делот што не се забележува е трагата на задните
тркала која е проширена за дваесетина милиметри.
Во кабината измените не се толку впечатливи. Главно се однесуваат на
поквалитетни материјали и нов потпирач за раце напред. Акцентот тука паѓа на
втората генерација на системот iDrive на кого во BMW се исклучително горди. Тој сега има плус четири копчиња
преку кои се управува со најчесто користените функции како што е на пример
аудио системот и навигацијата.
iDrive сега
доаѓа со монитор од течени кристали со пречник од 8,8 инчи, а како опција се
нуди хард диск од 80 Gb и собира доволно музика, информации, а останува
простор за полнење на системот за навигација со потребните мапи.
Сепак, најголемите измени се направени кај механиката. Вградени се нови
технологии чија главна цел е зголемување на ефикасноста кај погонската спрега
мотор-менувач-тркала и со тоа намалување на потрошувачката и емисијата на
издувни гасови, пред се на СО2, заради задоволување на новите норми за кои се
подготвуваат во Европската Унија и во САД.
Новините под ламарината се однесуваат на системот за регенерација, односно
враќање на енергијата при сопирање, функцијата старт/стоп позната од порано,
електро-механичко управување, гуми со мал отпор при тркалање и автоматските
клапни на отворот за вшмукување на воздух за во мотор.
Тие се отвораат по потреба кога од моторот се бара повеќе снага, а во
спротивно остануваат затворени за да го смалат отпорот на воздух на
автомобилот. Односно за да ја подобрат аеродинамиката. Сето ова е дел од
системот на BMW,
EfficientDynamics.
Проблемот е во тоа што сите
овие технолошки придобивки нема да бидат на располагање кај сите моделски
изведби. Излегува онаа народната: колку пари толку музика.
Под хаубата продолжуваат да работат постоечките мотори, но со одредени
измени заради, повторно, подобрување на ефикасноста. Нов е шест цилиндерскиот дизел што ќе
работи во 330d,
но во BMW истакнуваат дека ќе
биде достапен само на одреден број на пазари.
Моторот испорачува 245 коњски сили при 4.000 врт/мин и остварува максимален
вртежен момент од мрсни 520 Nm во дијапазон од 1.750 до 3.000 врти/мин. Олкавата снага
му овозможува на 330d да спринтира до 100 km/h за 6,1 секунди и да достигне
максимални електронски ограничени 250 km/h. При тоа просечната потрошувачка мери само 5,7 литри
дизел, а емисијата на СО2 изнесува 152 g/km.
Подобрен е и четири цилиндарецот што работи во 320d. Овој ефикасен дизел сега е
помоќен за 7 КС и 10 Nm, што значи дека остварува вкупно 175 коњски сили и 350 Nm, додека просечната
потрошувачка останува на ниво од 5,7 литри.
Новата Серија 3 е прва во гамата на BMW која ќе биде опремена со седум
степениот менувач со две спојки наречен DCT. Тој кој ќе се вградува во 335i
Coupe и Cabrio.
Менувачот треба да обезбеди безмалку безстепено менување и
течно испорачување на снагата до тркалата со што ќе се подобри и комфорот при
возење, но и забрзувањето, и потрошувачката.
На возачот на располагање му се три модуси на работа Automatic, Sport и Manual.
Во мануелен модус возачот може да бира дали ќе менува преку рачката од
менувачот поставена на централната конзола или преку палките сместени зад
воланот.
Инженерите во BMW
со прецизно мерење успеале да утврдат дека во споредба со шест степениот мануелен
менувач се добива 0,1 секунди при спринт до темпо 100, а во споредба со шест
степениот автоматик предноста е 0,3 секунди.
Потрошувачката пак во споредба со мануелениот менувач е подобрена за 5%.
Изразено во бројки тоа е 8,8 литри безоловен бензин на 100 km/h.
Поврзано со DCT
менувачот е и LaunchControl системот кој до сега се среќаваше само кај моделите од серијата М.
Тој во соработка со системот за динамичка контрола и електронска контрола на
стабилноста на 335i ќе
му овозможи нагло да стартува со минимално пролизгување на погонските тркала.
Серија 3 е веќе подготвена за продажба и таа стартува веднаш по светската
премиера во Париз. Цените се очекува да бидат малку повисоки во однос на
сегашните модели што е очекувано.
|