Get Adobe Flash player
BMW со електрична Серија 1
14.01.2010

BMW на салонот во Детроит го претстави електричниот концепт ActiveE создаден на основата на купето на Серија 1 прикажувајќи му го на светот свјот постојан развој во сферата на електромобилите.

bmw-active-e-koncept-2010-1

Концептот ActiveE е задвижуван од нов електромотор специјално развиен за него кој остварува 170 КС и максимален вртежен момент од 250 Nm кој стои на располагање од старт што е карактеристично за електромоторите.

За првпат во BMW енергијата доаѓа од литиум-јонски батерии кои се плод на соработката меѓу BMW Group и компанијата SB LiMotive зад чие име стојат Bosch и Samsung SDI.

Капацитетот на батериите може да му овозможи автономија од 160 km на ActiveE, но во зависнот од условите на возење и стилот на возачот автономијата може да достигне 240 km со едно полнење.

Флексибилната технологија на полнење на батериите дозволува тие да се полнат преку приклучување на стандардна електрична мрежа или посебен приклучок наречен WallBox поставен на специјални станици за полнење.

Тогаш со јачина на електричната струја од 50 ампери за постигнување на максимален капацитет на батериите се потребни 3 часа, додека на сличен приклучок во Северна Америка каде јачината на електричната струја е 32 ампери за целосно полнење на батериите се потребни 4 часа и 30 минути.

Забрзувањето на ActiveE до 60 km/h изнесува 4,5 секунди, а до 100 km/h за 9 секунди. Максималната брзина е електронски ограничена на 145 km/h, додека динамичките карактеристики се на ниво на класичната Серија 1 пред се заради распределбата на тежина од 50:50 предна задна оска и ниското тежиште.

Од BMW истакнуваат дека ActiveE како и купето од класичната Серија 1 нуди четири места за седење. Багажникот е помал заради пакетот од акумулаторски батерии и неговиот волумен изнесува 200 литри.

Патниците во ActiveE дополнително профитираат од системот ConnectedDrive кој е развиен само за користње во електрични автомобили. Карактеристично за овој систем се неколку функции кои можат да се  проверуваат или активираат далечински.

За ова не е потребен посебен уред. Системот користи мобилен телефон преку кого далечински може да се активира клима уредот, да се провери состојбата на наполнетост на батериите, вклучување на дополнително греење зиме и слично.

ActiveE во својто настап е препознатлив по графичките елементи на каросеријата кои асоцираат на печатените електронски плочи, уникатни леснометални бандажи, и со сино осветлениот приклучокот за полнење.

Внатре доминираат во кожа обложените седишта со нагласени сини рабови, додека централната конзола и инструментите се специфични за едно електрично возило.

Судбината на ActiveE не е запечатена само како експонат. Електромобилот е дел од проектот i на BMW каде ограничениот број на произведени примероци ќе заврши како тестни возила за приватни и флотни корисници.

Целта на проектот е да се тестираат електромобилите кои нудат динамика на возење на класичен автомобил на BMW во реални услови.

 

 

 

Facebook