Технологијата EfficientDynamics или
ефикасна динамика BMW полека ја носи на ново рамнште, а директен претставник е
концептот Vision изработен на платформата на актуелниот Х5.
Станува збор за Х5 задвижуван од
познатиот 2.0 литарски четири цилиндричен дизел на BMW сега
опремен со два турбополначи со променлива геометрија, кого го надополнува
електричен хибриден систем.
Ова е уште еден дизел-хибрид во низата што ќе биде
изложен во Женева и е пример дека штедливите дизели се повеќе ќе ги гледаме
спарени со ефикасните хибридни системи.
BMW својот Vision дизел-хибрид го надополнува со осум степен автоматски
менувач и соларни панели сместени на кровот кои работејќи заедно му
овозможуваат да постави нови репери за економичност и емисија на издувни
гасови.
Бројките што ги дава BMW за својот EfficientDynamics
Vision велат дека големиот SUV во просек троши 6,5 литри дизел и има емисија на СО2 од
172 g/km. Радува и фактот дека овие бројки не се постигнати на
штета на перформансите на овој Х5.
Моторот остварува 204 коњски сили и максимален вртежен
момент од 400 Nm, а хибридниот систем дополнува 20 коњски сили и вртежен
момент од 210 Nm при забрзување. Па така се добива забрзување до 100 km/h од
прифатливи 8,9 секунди.
Хибридниот систем на Vision користи
компактен електромотор-генератор врзан директно за менувачот кого со струја го
напојуваат литиум-јонски батерии сместени во багажникот.
Понатаму возилото користи енергија и од технологијата Brake
Energy Regeneration или регенерирање на енергијата од сопирањето со која се
полнат литиум-јонските батерии и енергија добиена од фотоволтажни ќелии или
соларни панели, како што споменавме претходно, сместени на кров.
Подолу на рентегенски прикажаната слика се гледаат
системите што се инкорпорирани во Vision и нивната
поставеност во возилото.
|