|
Познатата инженерска и тјунерска куќа Nowack Motors специјализирана за развој и производство на високоперформансни мотори ја објави својата најнова креација под името Nowack N700.

Наjновата креација на Nowack Motors се однесува на сите сопственици на монструозните модели на BMW М GmbH X5 M и X6 M кои би сакале постоечкиот 4.4 литарски битурбо V8 од 555 КС да го заменат со уште помонструозен мотор.
Откако ќе го паркираат својот Х5 М или Х6 М пред малата, но искусна германска работилница сопствениците треба да се стрпат одреден период, а трпението ќе ги награди со сосема поинакво чувство на моќ кога повторно ќе го притиснат педалот за гас.
Кога ќе се подигне хаубата погледот паѓа на стандардниот мотор на M GmbH, но изгледот лаже бидејќи специјалистите од Nowack комплетно го растураат 4.4 литарецот и го градат одново, но со мала доза на магија која му дава 715 КС и максимален вртежен момент од мрсни 845 Nm при ниски 2.600 врт/мин.
Магијата почнува со демонтажа на стандардниот мотор. Прво на обработка оди блокот чиви цилиндри се бушат за да можат да ги здомат поголемите ковани клипови кои се користат во мотоспортот.
Потоа цилиндрите се преслекуваат со уникатен премаз наречен Alusil заради намалување на коефициентот на триење, a рецептурата е деловна тајна на Nowack.
Понатаму во блокот се поставува идеално избалансирано коленесто вратило на кое се врзани индивидуално балансирани високоперформансни клипни лостови на кои се врзани осумте високоперформансни ковани клипови исто така преслечени со Alusil.
На овој начин на 4.4 литарскиот V8 му се зголемува зафатнината и тој по доработката во Nowack има 4.8 литри.
Клиповите во челото имаат нови поголеми џепови во кои влегуваат новите специјално третирани вентили со поголем дијаметар и посилни пружини, а клипните прстени (карики) исто така се преслечени со Alusil заради намалување на триењето.
Главите на цилиндрите исто така се модификувани и нудат поголем и полесен проток. Отворите за вшмукување и издув не само што се проширени и соодветно полирани со одреден степен на рапавост заради побрзо струење на медиумот, тие се и редизајнирани за да се добие саканиот ефект.
Во главите се поставени четири високоперформанси брегасти вратила со брегови кои овозможуваат подолго време на отворање на вентилите, а управувањето е оставено на модификуваниот двоен VANOS систем на BMW.
Доработка претрпеле и екстерните компоненти на моторот. Давата турбо полначи исто така се растурени и модификувани со намалено триење за да создаваат поголем притисок и воедно да имаат пдобар одзив при мал проток на издувните гасови.
Поставен е и комплетно нов издув кој конструкцијата ја влече од светот на мотоспортот со поголем дијаметар на цевките за побрзо струење на издувните гасови и два спортски катализатори и издувни лонци со поголем проток.
Покрај механичката преработка на моторот инженерите на Nowack комплетно ја репрограмираат и управувачката единица на моторот ECU со индивидуални параметри кои зависат од возачките афинитети на клиентот.
Најважната информација околу репорграмирањето на ECU е што фабричката електронска блокада е отстранета во целост и е поставена нова на максимална брзина од 330 km/h.
Но, тука не застанува приказната за Nowack N700 4.8. Клиентот по желба може да добие комплетно модификуван менувач и диференцијали кои со преносните односи во менувачот и финалниот преносен однос во диференцијалите исто така ќе одговара на неговите индивидуални возачки афинитети.
Комплетно е сменет и системот за сопирање и напред и назад со поставување на поголеми сопирачки дискови и клешти, а на располагање се и повеќе видови на суспензија чив избор исто така зависи од индивидуалните потреби на клиентот.
N700 4.8 стои на ковани леснометални бандажи со дијаметар од 22 инчи кои се посебно изработени по нарачка и спецификација на Nowack Motors. Кабината се обложува со најквалитетна кожа која пристигнува од Шкотска, а на располагање се и бесконечлно многу варијации на тема мултимедијални апликации.
На крај сето тоа зависи од желбите и далбочината на џебот на клиентот.
Како што велат во Nowack целта не била само да се направи монструозно моќен мотор туку да се обезбеди соодветен одзив на педалот за гас во сите режими на работа кои не одговараат само на спортско возење туку и на вршење на секојденвните обврски во редовен сообраќај како низ град така и на отворен пат, но и надвор од него.
Според нив идејата позади N700 4.8 е да им се овозможи на луѓето, читај ретките среќници, што живеат во држави со лоша патна мрежа да уживаат во перформансите на едно спортско возило без оглед на лошиот квалитет на асфалтот.
За жал од Nowack Motors за сега објавуваат само една фотографија од N700 4.8, а во очекување на цела галерија ќе мора да се задоволиме со постоечката.
|