BMW одлучи пред светската премиера во Детроит да ја
претстави новата генерација на својот родстер Z4 кој дефинитивно
ја напушта концепцијата со мек кров.
Новиот метален склоплив кров се отвора/затвора за 20
секунди по притискање на копчето во кабината и за разлика од мекиот кров на
својот претходник нуди значително поголема безбедност за возачот и совозачот.
Конструкторите во BMW успеале да
измерат дека со затворен кров новиот Z4 нуди поголема
видливост од страна и одзади. Страничните стакла се поголеми за 40%, а задното
стакло дури 52% во однос на претходникот.
Новиот Z4 нараснал и во димензии и нуди значително поголем комфор,
а заобленото мускулесто тело го прави поагресивен од актуелниот модел. Волуменот
на багажникот кај Z4 изнесува 310 литри со затворен кров, а отворениот кров
остава само 180 литри простор. Пристојни бројки за еден родстер.
Сепак, најважно кај Z4, но и кај
секој автомобил од оваа врста е што се сокрива под хаубата.
BMW на стартот нуди три бензински мотори секој со по шест
цилиндри поставени во линија. Најслабиот мотор е 2.3 литарецот кој на задните
тркала испорачува 210 коњски сили.
Втор во низата е 3.0 литарецот со 255 коњски сили, а
врвот во класата е загарантиран за 3.0 литарскиот битурбо кој остварува 302
коњски сили. Интересно што BMW одлучи од Z4 да го исфрли 2.0
литарскиот четирицилиндричен бензинец, но и старите ознаки.
Сега верзиите на Z4 се означени како 23i,
30i и 35i.
Моќноста до задните тркала кај секоја од верзиите се
пренесува преку шест степен мануелен менувач, опционално за 23i и за 30i се нуди
шест степена автоматика, додека 35i може да се добие
со новиот седум степен менувач на BMW со две спојки.
35i со мануелниот менувач до 100 km/h спринтува
за 5,1 секунди и достигнува максимална брзина од електронски ограничени 250 km/h. Со седум
степениот менувач со две спојки спринтот до 100 km/h е покус за
0,1 секунда.
Како опција во Z4 се нуди спортски
пакет со Adaptive M Suspension или адаптибилна
суспензија конструирана во одделот M на BMW, Electronic
Damping Control или електронска контрола врз степенот на придушување кај
амортизерите и DDC - Drive Dynamic Control или контрола на
возната динамика.
Последново му овозможува на возачот да го менува начинот
на одзив на педалот за гас, отпорот на воланот и начинот на реакција на електронската
контрола за стабилност на возилото која дозволува автомобилот да пролизгува до
одреден степен.
На располагање се три модуси Normal, Sport и Sport
+.
BMW за првпат одлучи во својот родстер да го вгради и
системот iDrive од последната генерација кој сега е интегриран со
системот за навигација.
Контролата на системот се врши преку вртливо копче
сместено на централната конзола, а функциите се прикажуваат на LCD екран од
8.8 инчи кој се преклопува во арматурата. Новиот iDrive има хард
диск од 80 GB од кои 15 GB се резервирани
само за складирање на музика.
Новиот Z4 ќе се произведува во фабриката на BMW во
Регенсбург, Германија заедно со моделите од Серија 1 и Серија 3. Фабриката во
Спартанбург, САД престанува со производство на Z4.
Причина за една ваква одлука на BMW е
комплетното пренасочување на производството на моделите Х во САД.
Продажбата на Z4 стартува на пролет по цена од околу 35.000 евра во Европа. Во Македонија поради високата
акциза за мотори со зафатнина од преку 2.0 литри цената би требало да биде
поставена 5.000 евра повисоко.
Покрај фотографии BMW го претставува Z4 и на видео.
|