По повеќето неуспешни обиди BMW и Fiat конечно се
најдоа во потрагата по совршен партнер. Очигледно е дека заедничката соработка
ќе дава одлични резултати во иднина.
Имено, заедничката соработка, конструирање на платформи
за мали автомобили, иако сеуште во рана фаза се чини дека на светот ќе му ги
донесе најважните автомобили забележани во историјата на двете марки.
Секако тука нестанува забор ниту за луксузни лимузини,
ниту за спортски купеа, туку за автомобили кои по втората светска војна од
пропаст ги спасија двете големи компании. Масовната продукција на малечките
превозници на широките народни маси беа основа за величината во која прераснаа BMW и Fiat.
Погодувате се работи за BMW Isetta и Fiat
Topolino. Тие треба одново да оживеат, но сега не во борба против сиромаштијата,
туку во борба против загадувањето. Главното оружје на Isetta и Topolino
ќе биде просечна потрошувачка од 2,8 литри и смалување на емисијата на СО2
далеку под бројката 100 g/km. Се очекува вредност од околу 80 g/km.
Воедно тие треба да ја намалат просечната емисија на СО2
на целата гама и кај BMW и кај Fiat. Бидејќи со најавените нови норми во европската унија
секој производител ќе плаќа дополнителни пенали доколку просечната емисија на
СО2 на целата гама ја надмине бројаката 120 g/km.
Од оваа унија поголема корист ќе извлече BMW како
производител на автомобили од премиум сегментот задвижувани од
поголеми и помоќни агрегати кои следствено имаат поголема емисија на СО2.
Враќајќи се во историјата дизајнерите сакале што
поавтентично да ги претстават наследниците. Isetta го
наследува својот топчест дизајн со рамна хауба и предно стакло кои делуваат
како меѓу нив да нема агол и како да се поставени на рамна површина. Исто како кај оригиналот.
Topolino пак инспириран од ретро дизајнот на 500 доаѓа со големи
предни светла кои ја красат набабрената хауба и за кои
нема двојба дека му припаѓаат на Fiat.
И двата модели лежат на иста платформа со идентично
меѓуоскино растојание и со идентични мотори. Просторна рамка ја игра улогата на
шасија, додека каросеријата е изработена од едноставни пластични панели кои
покрај ниската цена штедат и на тежина.
Моторите ќе биде поставени назад и ќе ги задвижуваат
задните тркала. Покрај најавениот бензинец со два цилинди и зафатнина од 0.9
литри или 900 сс, подоцна на располагање би требало да биде исто таков штедлив
дизел, а се работи и на верзија која ќе ги претвори Isetta и Topolino во
електричен автомобил.
Необичен е изборот на BMW и на Fiat за
конструирање на платформа со мотор поставен назад и погон на задна оска.
Имено
еден од инженерите во тимот на Volkswagen кој работи на проектот up! неодамна
истакна дека тие разработувале еден ваков концепт, но набрзо одлучиле да ја
напуштат оваа идеја бидејќи автомобилот се покажал исклучително нестабилен во
случај на страничен ветер и се свртеле кон стариот и проверен концепт, мотор
напред – погон напред.
Интересно е што новиот мотор од 900 сс е дело на Fiat и веќе
беше претставен лани во концептот Panda Aria на салонот во
Франкфурт. Овој мотор ќе го носи и актуелниот 500 одследната година.
Истиот ќе се нуди во две верзии. Атмосферски со моќност од 65 КС и верзија со
турбо полнач која испорачува дури 105 коњски сили. Секако во Topolino
и во Isetta ќе работи само верзијата со 65 коњски сили.
Моторот ќе биде врзан со полуавтоматски менувач и ќе има
систем старт/стоп кој дополнително штеди во градски сообраќај.
Што се однесува до внатрешноста сеуште не се знае дали
во кабината ќе има место само за возачот и совозачот или во опција е систем сличен
како кај Toyota iQ со место трет возрасен патник.
Isetta и Topolino на пазарот треба да се појават во текот на 2010.
|