Спортскиот теренец на Porsche, Сayenne кој на
пазарот гази со својата обновена верзија на салонот во Пекинг се покажа во
вистинско светло со хипермоќната верзија Turbo S.
Претставувањето во Пекинг беше логичен избор поради
огромната заинтересираност за Cayenne на пазарите во Азија. Претходната генерација на Cayenne
Turbo S се перчеше со моќни 520 коњски сили, снага која беше за околу 16
проценти поголема од онаа на Cayenne Turbo.
Но, тоа е веќе минато бидејќи новиот Turbo
S до тркалата испраќа дури 550 коњски сили и максимален вртежен момент од
мрсни 750 Nm расположиви од 2.250 до 4.500 вртежи во минута, а сето
тоа доаѓа од 4.8 литарскиот V8 кој сега има нов издувен систем со зголемен проток и
комплетно нова управувачка електроника.
За новиот Cayenne Turbo S е обезбеден
пакетот SportPlus кој нуди леснометални бандажи од 21 инчи, ексклузивна
сребрена метална боја и карбон-керамички дискови досега резервирани само за
суперспортските модели како 911 Turbo и GT2.
Моќните сопирачки со дискови пречник од 410 милиметри
напред кои ги зафаќаат шест клипни клешти и дискови со пречник од 370 милиметри
назад со четири клипни клешти назад се доволно моќни без никаква драматичност
да ја сопрат залетаната грдосија.
Cayenne Turbo S ги катапултира патниците до темпо 100
за 4,8 секунди и им овозможува удобно да патуваат со максимална брзина од 280 km/h, а кога
сето ова ќе им здосади се упатува на прошетка во природа каде покажува завидни
теренски способности.
Хипер теренецот стартува со продажба во август по цена од
111.400 евра.
|