|
Веќе пишувавме за најавата од Bugatti дека планира да ја претстави најмоќнaта верзија на Veyron, крстена Super Sport која има 1.200 КС и е способна да достигне максимална брзина од 434.2 km/h.

Најавата сега е преточена во реалност. Bugatti конечно ја претстави најмоќната, најбрзата, најлесната верзија на Veyron до сега за која се вели дека ќе биде произведена во лимитирана серија од 30 примероци.
Bugatti одлучи да го претстави Veyron Super Sport пред одбрана група на луѓе на тестната патека на VW Group, Ehra - Lessien која се наоѓа во близина на Волфсбург и на неа во реалност да ги прикаже способностите на својот суперавтомобил.
Покрај показните елементи како забрзувањето и меѓузабрзувањето на Veyron Super Sport од Bugatti одлучиле и во реалност да ја потврдат неговата максимална брзина пред одговорните на германската агенција за техничка инспекција TUV и пред представници на Гинисовата Книга на рекорди.
Veyron Super Sport како што велат пропозициите за соборување на светските брзински рекорди два пати минал по патеката. Во првиот наврат возејќи од југ кон север достигнал 427.933 km/h, додека во вториот обид возејќи обратно од север кон југ ги остварил максималните 434.211 km/h.
Зад волан на Veyron Super Sport се наоѓал тест пилотот Пјер Хенри Рафанел кому на крајот од возењето претставникот од Гинисовата книга на рекорди му го врачил вредниот сертификат.
За да може да ги достигне овие уште поекстремни перформанси инженерите на Bugatti се зафатиле со опсежни модификации на обичниот Veyron 16.4. Прво на списокот била доработка на моторот.
Огромниот мотор со зафатнина од 8.0 литри, 16 цилиндри и четири трубо полначи, добил нови поголеми трубини способни да помпаат повеќе воздух, а поставен е нов систем за вшмукување со поголем интеркулер.
Направени се и одредени модификации на управувачката електроника на моторот што на крај резултирало со подигнување на снагата за 199 КС и достигнување на магичната бројка од 1.200 КС.
Значително е зголемен и вртежниот момент на моторот кој сега истискува максимален вртежен момент од навистина камионски 1.500 Nm, што е подобрување од 250 Nm во однос на сериските 1.250 Nm.
Понатаму каросеријата комплетно е изработена од карбон-фибер што условило Veyron Super Sport без оглед на доработките во механиката да биде полесен од обичниот Veyron 16.4.
Измени се направени и кај потпирањето кое користи сосема нови пружини и стабилизатори со поголем дијаметар и нови амортизери способни за да го издржат оптоварувањето од 1.4 G кое кај стандардниот Veyron изнесува 1.25 G.
Покрај измените во механиката сменет е и надворешниот дизајн на автомобилот. Генерално Veyron Super Sport ја задржува дадената линија на каросеријата, но затоа комплетно е сменет капакот на моторот кој сега заради подобра аеродинамика има подолг кров.
Поставени се и нови отвори на кров за довод на воздух во моторот кои личат како да се земени директно од светот на мотоспортот. Предницата исто така ја красат поголеми отвори за воздух, а одзади јасно се забележува новиот облик на издувните цевки и дводелното задно крило на извлекување.
Од Bugatti сеуште не истакнуваат колкаво е забрзувањето на Veyron SS до 100 km/h, но тоа би требало да е малку подобро од она на оригиналот кој до темпо 100 стигнува за 2,2 секунди.
Дополнително од Bugatti истакнуваат дека без оглед на способноста да вози преку 430 km/h, на Veyron Super Sport максималната брзина ќе му биде ограничена на 415 km/h заради безбедносни причини. Обичниот Veyron вози со максимални 407 km/h.
Bugatti со првото прикажување ги отвора и нарачките за Veyron Super Sport. Цената сеуште не се спомнува, но се претпоставува дека износот што ќе треба да се одвои ќе отиде дебело преку 1 милион евра.
Претставувањето пред светската јавност на Veyron Super Sport, Bugatti го закажува некаде за средината на месец август на Конкурсот на елеганција во Пебл Бич, Калифорнија.
|