Orlandо е втората ѕвезда која покрај Cruze сјаеше на
штандот на Chevrolet во Париз. Иако претставен како концепт Orlando сигурно влегува во сериско производство во текот на следната година.
Дизајнот на Orlando претставува
комбинација од модерен SUV, фамилијарен ван и караван. Всушност Orlando не припаѓа
ниту кон еден дизајнерски облик и може да се каже дека претставува еден вид
уникатно дополнување на нагло растечкиот пазар на кросовери на глобален план.
Orlando e поставен на
истата платформа како Cruzе и Volt и со паметна распределба на просторот во неговата кабина
ќе можат да се превезуваат седум патници.
Токму поради рапоредот на седиштата во три реда и
можноста за превоз на седум патници се претпоставува дека Orlando всушност е
претходница на новата Opel Zafira, исто како што Cruze е
претходница за новата Astra.
Патничката кабина е дизајнирана да овозможи удобен превоз на
целото семејство кое ќе ужива во мултимедијалниот систем за забава, кој пак, во
себе ја вкомпонирува и сателитската навигација и има приклучоци за MP3
плеер, USB мемориски стик, iPod и Bluetooth конекција.
Големото меѓуоскино растојание од 2.760 mm кое е за
75 mm поголемо од она на Cruze и пошироката
трага за 40 mm на предните тркала и 30 mm на задните
тркала му овозможуваат на Orlando да има еден од најпрактичните распореди на седишта и
најголем капацитет на багажникот во класата на компактни фамилијарни превозници.
Подигнатиот кров обезбедува специфично поставување на
седиштата со подигнат втор и трет ред. Ваквото поставување на седиштата е
направено за патниците, а посебно децата да имаат подобар поглед во и надвор од
возилото.
Задната страна на потпирачот на седиштата од вториот и
третиот ред, кои патем можат целосно да се склопат и да пропаднат во подот со
што се добива рамен товарен простор, е направена од цврст метализиран материјал.
Ова е потребно за да се олесни товарењето на гломазни и тешки предмети и за да
се сочуваат седиштата од оштетување.
Со преклопен трет ред на седишта Orlando нуди
зафатнина на багажникот од 900 литри, додека во исто време вториот ред
седишта може да се преклопува во сооднос 60:40, а третиот
ред 50:50.
Најмоќниот мотор што ќе работи под хаубата на Orlando
е новиот 2.0 литарскиот турбо дизел кој остварува моќност од 150 коњски
сили и максимален вртежен момент од 320 Nm.
Но, Orlando ќе може да се добие со истиот мотор со моќност од 125 коњски сили, но и со бензински 1.8 литарец со 140 коњски сили
кој е најавен и за во Сruze.
На стартот од продажбата која треба да се случи кон
крајот на 2009 сите верзии ќе имаат погон на предни тркала и пет степен
мануелен или автоматски менувач. Подоцна се очекува и верзијата со погон на
четири тркала.
Orlando кој ќе биде наменет за пазарите во Азија, односно
неговата поевтина верзија ќе се произведува во погоните на GM во Јужна Кореа и ќе го
носи беџот на Daewoo, додека за Западна Европа и за во САД, GM планира да
произведува премиум верзија на Orlando во некоја од фабриките во Европа.
Токму овoj податок се поврзува со производството на новата Opel
Zafira која најверојатно ќе се склопува во истите погони како и Orlando.
Во General Motors сеуште прецизно не откриваат на кои
се пазари ќе се продава Orlando, но од она што е прикажано во нивниот официјален
извештај може да се заклучи дека дефинитивно се работи за уште еден глобален
проект.
|