Три години по претставувањето на оригиналниот С4 челниците
во Citroen одлучија да го освежат моделот кој од почетокот на
производство до сега се продаде во преку 900.000 примероци.
Со фејслифтот се опфатени само каросериските верзии познати
кај нас, значи моделите Berlina со пет врати и Cоupe со три
врати, додека седан верзијата која се продава на ограничен број на пазари, пред
се во Кина, ќе биде редизајнирана кон крајот на годината.
Највпечатлива измена кај новиот модел е предниот дел кој
е рестилизиран и сега многу повеќе наликува на дизајнерската смерница одредена
со С4 Picasso. Поради новите браници С4 пораснал во должина и сега
берлината мери 15 mm повеќе, вкупно 4.275 mm, а купето
4.288 mm.
Измените во внатрешноста се минимални. Се работи за нови
материјали одбрани за преслекување на седиштата и облогите. Најголемата измена
е преместувањето на бројачот на вртежи од пред возачот на централниот дисплеј.
Покрај редизајнот на купувачите на располагање им се и
два нови бензински мотори кои доаѓаат од соработката со BMW. Станува
збор за 1.6 литарски VTi, замена за 1.6i 16V, и остварува
120 коњски сили. Вториот агрегат е 2.0 литарски VTi кој
остварува 150 коњски сили и замена е за постоечкиот дволитарец.
Кратенката VTi значи Variable
valve lift and Timing injection или варијабилно управување со вентилите и вбризгување во
најпогодно одбрано време.
И додека дел од бензинците се нови, дизелите остануваат
исти. Значи 1.6 и 2.0 литарските HDi агрегати со 90,
110 и 140 коњски сили.
Светската премиера на обновениот С4 е закажана за салонот
во Москва кој ги отвора вратите за светската јавност на 26 август.
|