|
23.11.2011 |
|
Моделите на Volkswagen кои доаѓаат од спортското одделение R GmbH и ја носат ознаката R како наставка на името во иднина ќе доаѓаат опремени и со дизел мотори и погон на четири тркала.

Информацијата доаѓа директно од шефот на одделот R GmbH, Улрих Рихтер, кој иднината на спортската линија R ја гледа во проширување на понудата каде покрај навиените бензинци ќе се нудат и навиени дизели.
Рихтер открива и дека во иднина ознаката R ќе ја носат сите модели на VW без оглед на намената со што клиентите желни за спортски перформанси и висока возна динамика ќе дојдат на своето без дополнителни доработки и ќе добијат фабричка гаранција и полесен автомобил.
Идејата на одделот R GmbH не е само драстично подигнување на моќноста туку и намалување на тежината. Според него иднината на автомобилите не е во хибридните системи туку во намалувањето на тежината кое само по себе ќе доведе до намалување на потрошувачката на гориво и емисија на издувни гасови.
„Намалувањето на тежината на еден автомобил за 100 kg има ист ефект како и користење на хибриден систем. Големиот проблем за производителите на автомобили се високите цени на материјалите кои се користат за производство на лесно автомобили,” наведува Рихтер во своето кусо излагање.
|