|
Mercedes планира на пазарот да испрати помал и поевтин брат на супермоделот SLS, којшто треба да им конкурира на модели како Porsche 911 и најавениот Jaguar C-X16 која пристигнува наскоро.

Шефот за развој на AMG, Кристоф Јунг наведува дека во понудата на AMG има простор за модел којшто би влегол во сегмент под моќниот и скап SLS и би конкурирал на моделот 911 од Цуфенхаузен.
Влез во овој сегмент е следната работа што сака да ја направи AMG истакнува Јунг, но одговорните во компанијата сеуште размислуваат како да се влезе во него бидејќи со цена од 200.000 евра SLS остава доволно простор.
Јунг го фали новиот 911 Carrera велејќи дека тој е беспрекорен успех на марката, но исто така не заборава да наведе дека мора да се признае дека и AMG знае да прави одлични спортски автомобили.
Иако новиот мал спортист на AMG е во рана фаза на развој Јунг открива некои детали. Моторот ќе биде V8 поставен напред и најверојатно тоа ќе биде новиот 5.5 литарски битурбо со моќност од преку 500 КС.
Погонот ќе биде на задни тркала, а менувачот ќе има седум степени на пренос и ќе има две спојки. Забрзувањето до 100 km/h ќе биде во рамките на 4 секунди, а максималната брзина околу 300 km/h.
Што се однесува до цената Јунг нагласува дека цена од 60.000 евра колку што предвидува Jaguar за C-X16 е премногу амбициозна и дека тие би морале да стават цена од 80.000 евра за проектот да може да печали.
|