|
Паралелно со стартот на продажбата на останатите пазари во Европа, стартува продажбата и на македонскиот пазар на компактниот кросовер на Mitsubishi, ASX од кого јапонскиот производител очекува многу.

Финалната верзија на Mitsubishi ASX наменета за европскиот пазар ја доживеа премиерата годинава на салонот во Женева, но неговиот брат близнак именуван како RVR и наменет за јапонскиот пазар својот поход кон купувачите го започна многу порано.
Имено јапонците одлучија истиот модел, под различна ознака да го понудат на домашниот пазар уште во февруари годинава и бележат одлични продажни резултати. Сега шест месеци подоцна истите продажни резултати се очекуваат и од ASX во Европа.
Иако звучи како сувопарна ознака, зад картенката ASX се сокрива идејата на Mitsubishi за „the Active Smart X-over” или активен и умен кросовер којшто треба на купувачите воедно треба да им понуди: практично, корисно, проодно, динамично, способно и на шик возило.
Од Mitsubishi не сокриваат дека ASX е директен потомок на Оutlander и на концептот cX од 2007. Поставен е на истата глобална платформа на Mitsubishi и со него дели 70% од конструкцијата која до сега се докажа како исклучително успешна. Доказ е истото меѓуоскино растојание од 2.670 mm.
Современиот тренд на напуштање на робусните теренци и создавање на еколошки кросовери го следи и Mitsubishi и затоа преку ASX на купувачите сака да им понуди возило кое се грижи за животната средина. Токму затоа ASX се нуди во верзија само со погон на пред и изведба со погон на четири тркала.

Овој дел пред се се однесува на новите мотори. Прв во понудата е 1.6 литарскиот бензинец MIVEC кој остварува 117 КС при 6.000 врт/мин и има макисмален вртежен момент од 154 Nm при 4.000 врт/мин.
Овој мотор доаѓа само во изведба со погон напред и снагата ја пренесува преку пет степен мануелен менувач. Со овој мотор ASX е способен да достигне максимална брзина од 183 km/h и да забрза до 100 km/h за 11,3 секунди.
Вториот мотор во понудата е ново развиениот турбо дизел 1.8 MIVEC, прв дизел на Mitsubishi со варијабилно управување со всисните и издувните вентили кој ја изполнува нормата за емисија на издувни гасови Euro 5.
Дизелот се нуди во две изведби со моќност од 116 КС при 3.750 врт/мин и со 150 КС при 4.000 врт/мин. И двете изведби се перчат со максимален вртежен момент од 300 Nm расположив кај послабата од 2.000 – 2.500 врт/мин и кај помоќната од 2.000 – 3.000 врт/мин.
Кај нас во понудата стои само помоќната изведба која вртежниот момент до предните или од сите четири тркала го пренесува преку шест степен мануелен менувач. За сега друга опција нема.

Со овој мотор и само со погон напред ASX до 100 km/h забрзува за 9,7 секунди и оди до максимални 200 km/h. Изведбата со погон на четири тркала стигнува до максимални 198 km/h, а до 100 km/h забрзува за 10,0 секунди.
И двата мотори и двете погонски изведби на ASX доаѓаат во обична или во изведба со пакет ClearTec. Овој пакет нуди пониска потрошувачка и емисија на СО2 благодарение на системот AS&G – Auto Stop & Go со индикатор за менување на степен на пренос, електрично серво, регенерирање на кинетичката енергија при сопирање и гуми со намален коефициент на отпор при тркалање.
AS&G – Auto Stop & Go функционира како и останатите Стар/Стоп системи, го гаси моторот при стоење, штеди на гориво и ја намалува емисијата на СО2. Индикаторот пак кажува кога е вистинското време да се префрли во повисок или понизок степен на пренос со што дополнително се штеди гориво.
Електричното серво кое работи со полна снага во град за полесно маневрирање, при високи брзини безмалку целосно се исклучува со што штеди енергија и го зголемува отпорот за подиректен контакт меѓу воланот и тркалата.
Системот за регенерирање на енергијата при сопирање со секој притисок врз сопирачката преку алтернаторот кој има функција и на генератор постојано го надополнува акумулаторот чувајќи го на максимален капацитет со што му помага на моторот да не троши вишок енергија за негово полнење.

Целата технологија се сокрива зад складна каросерија. Корпоративниот Jet Fighter лик кај ASX добива нова свежина која ја даваат набабрените крила, повисоките светла со помеки линии, поистурената муцка и силно профилираната хауба со грпка на средина.
Mitsubishi не претерал со развлекување на ASX, долг е 4.295 mm, широк е 1.770 mm и висок е 1.615 mm. Сепак останало доволно простор за багажникот кој има волумен од основните 416 литри до максимални 1.219 литри.
Покрај богатата сериска опрема Mitsubishi во ASX нуди и премиум опции како мултикомуникациски систем со навигација со хард диск од 40 GB и аудио систем Rockford Fosgate, USB порт + Bluetooth, камера за поглед назад, широко аголни предни светла со HID – High Intensity Discharge ксенон технологија кои осветлуваат под агол од 160 степени, стаклен кров осветлен со LED...
ASX кај нас стартува со цена од 17.480 евра за верзијата Invite + со погон напред и 1.6 литарски бензинец, додека за најопремениот дизел со Intense ниво на опрема и погон на четири тркала трба да се издвојат 24.980 евра.
|