Мини автомобилот DR1 кој без
големи помпи беше прикажан на салонот во Болоња е плод од соработката меѓу
италијанската компанија DR Motor и кинеската Chery.
Овој интересен малечок автомобил треба да стартува со
продажба кон средина на идната година, а ќе се произведува на југот од Италија
во погоните на DR.
Пред една година од производните ленти на италијанската
компанија се симна првиот кинески автомобил произведен во Европа. Станува збор
за Chery Tiggo 3 кој во Европа се продава под името DR5.
Покрај DR5 од вгодина од погоните на DR Motor ќе
излегуваат и малечкиот SUV DR3 и мини автомобилот DR1. Моторот
што се вградува во DR5 го испорачува Chery, додека моторите
кои ќе ги задвижуваат DR3 и DR1 ќе доаѓаат од Fiat.
Во DR Motor веруваат дека полека, но сигурно ќе успеат да освојат
дел од европскиот пазар. Годинава заклучно со месец октомври во Италија се
регистрирани 1.592 автомобили од марката DR. Вкупната
бројка на возила кои го носат беџот на DR во Италија надминува
3.000.
Мини автомобилот DR1 е долг 3,5
метри и го задвижува бензински мотор од 1.3 литри кој остварува 83 коњски сили.
Максималната брзина на DR1 изнесува 156 km/h, додека
забрзувањето до 100 km/h трае 12,1 секунди.
Интересно е што производителот ќе го понуди DR1 со
фабрички монтиран плински уред. Кога ќе вози на LPG, моторот
на DR1 ќе остварува 5 коњски сили помалку и автомобилот ќе има послаби
перформанси, но затоа ќе биде значително поштедлив од својот бензински брат
близнак.
Првите примероци ќе се симнат од производна лента на
почетокот на пролетта, а набрзо потоа ќе пристигнат и во продажните салони.
Цената на DR1 ќе стартува од
7.000 евра. Воопшто не е малку. Но, во DR се
надеваат дека, сепак, ќе привлечат купувачи бидејќи најголемиот конкурент на DR1, подеднакво
опремена Kia Picanto во Италија стартува со цена од 9.500
евра.
DR1 e многу сличен на моделот А1 кого Chery планира да го произведува со Chrysler во Мексико и ќе биде наменет за пазарите во Северна Америка.
|