|
Германската интернет страница за продажба на автомобили mobile.de ги објави цените на првиот кросовер на Dacia, моделот Duster по кои што тој ќе се продава на пазарот во Германија.

Цената на Duster чија светска премиера ќе биде на претстојниот салон во Женева стартува од 13.000 евра што е скоро два пати повеќе од Logan на чија платформа е поставен кросоверот.
Оваа цена важи за верзијата со погон на предни тркала, со бензинскиот 1.6 литарец под хаубата со моќност од 105 КС и основно ниво на опременост означено како Ambiаnce.
Одиме понатаму. Дизелската верзија 1.5 dCi со погон напред и исто ниво на опременост стартува по цена 3.000 евра повисока од бензинецот. Цената пак на подобро опремената верзија Laureate стартува од 16.630 евра.
Сеуште нема објавено цени за верзиите со погон на четири тркала. Но, според неофицијални информации на дилерските куќи во Германија се очекува старт од 17.500 европски банкноти.
Сето ова се коси со првичните информации во кои стоеше дека Dacia Duster на пазарот стартува со цена од 11.000 евра, или 2.000 евра пониска од сега наведената.
Како и да е производството на Duster во погоните на Dacia во Романија стартуваше кон крајот на 2009 и првите контингенти кросовери на пазарите во Европа пристигнуваат веќе следниот месец.
|