|
Volkswagen го искористи саемот за техника во Хановер за светска премиера на својот прототип на електрично такси наречен Milano Taxi којшто е создаден на основата на концептот Up!

На официјалното претставување на Milano Taxi на кое присуствуваше и германскиот канцелар Ангела Меркел шефот на Volkswagen, Д-р Мартин Винтеркорн истакна дека електричното такси влегува во серија во 2013.
Двобојниот финиш од зелена и црна боја заедно со името се избрани за да му се одаде чест на модниот метрополис италијанскиот град Милано. Имено градските власти во име на модата еднаш одлучиле да ги обојат такси возилата во истата комбинација од бои.
Дека концептот Milano Taxi ќе се користи исклучиво за таксирање докажува отсутвото на задна врата од левата страна како кај легендарните лондонски таксија кои исто така имаат една врата од возачката страна.
Кога сме кај вратите, вратата од багажникот се отвора хоризонтално и е поделена во сооднос 60:40 практично за полесно манипулирање во тесен простор.
Volkswagen Milano Taxi е мал автомобил одличен за спровирање низ градскиот метеж. Долг е 3.730 mm, широк е 1.660 mm и висок е 1.600 mm. Без оглед на малите димензии во кабината посебно за патниците одзади има изобилство од простор.
Патникот кој седи зад возачот има простор за колена од 120 mm што е на ниво на големите луксузни седани, додека тој што седи зад совозачот може слободно да ги истегне нозете бидејќи совозачко седиште непостои и просторот е искористен за багаж.
И додека таксито е превозно средство за патниците за возачот е работно место. Затоа за него е обезбедена комфорна возачка позиција, а за полесно снаоѓање сите контроли се сместени на touch-screen екран од 8 инчи поставен на централната конзола.
На мониторот таксистот го вклучува таксиметарот, ги отвора вратите, отчитува податоци за должината на патот, го следи системот за навигација и го вчитува патот, го следи токот на енергијата и капацитетот на батериите.
Понатаму ја регулира работата на клима уредот посебно за него посебно за патниците одзади и ја гледа временската прогноза и актуелните регионални настани.
Ист LCD е обезбеден и за патниците и на него се отчитуваат рутата, таксиметарот, временската прогноза настаните, а има и терминал за отчитување на сите видови на картички и за издавање фискални сметки.
Milano Taxi го задвижува електромотор со континуирана моќност од 57 КС и максимална моќност од 114 КС. Енергијата ја добива од пакет на литиум-јонски акумулаторски батерии со капацитет од 45 kWh.
Батериите му обзебедуваат автономија до 300 километри и максимална брзина од 120 km/h, вредности кои воопшто не се за потценување ако се земе во обзир дека Volkswagen Milano Taxi на вага покажува 1.500 kg.
За постигнување на максимален капацитет на батериите потребни се околу 8 часа полнење на стандарден електричен приклучок, додека за малку повеќе од час и половина батериите достигнуваат капацитет од 80%.
Од Volkswagen очекуваат дека нивниот иновативен концепт на Taxi за иднината ќе биде прифатен од сите големи метрополиси како во Европа така и низ светот со што ќе се отвори пат за намалување на производните трошоци и на крај на цената на возилото.
|