Ferrari е првиот тим во Формула 1 кој го претстави својот нов
болид за годинешната сезона. Болидот го носи името F60, но интересно
е што името воопшто не е поврзано со Ferrari.
Ознаката F60 е одбрана во чест на прославата на шеесетте сезони на
Формула 1, бидејќи производителот од Маранело е единствен кој без исклучок
учествувал во сите сезони на Ф1.
„Причина зошто го одбравме ова име е желбата да се
комбинира историјата на Формула 1 и фактот дека Ferrari е
единствениот тим кој секогаш бил присутен во ова големо автомобилско
натпреварување,” истакна шефот на тимот на Ferrari, Стефано
Доменчиали.
Ferrari F60 беше претставен на затворена
презентација во Маранело, а подоцна се појави и на
патеката во Мугело. Фелипе Маса кој прв се смести во кокпитот на F60 истакна
дека е пријатно изненаден од изгледот на новиот болид.
„Поради задоволување на новите регулативи очекував нешто
сосема поинаку, болид како од пред 10 години со големи крила и слично. Но, се
изненадив. F60 е убав болид, иако е мал, како да е направен за во
Формула 3,” изјави Маса.
За да ги задоволи техничките правила за годинешната
сезона F60 има пошироко, а пониско предно крило и повисоко, а
потесно задно крило. Новата аеродинамика носи значителни загуби во поглед на
потисокот врз подлогата во споредба со ланските болиди, но за да се
компензираат загубите возачот ќе може минимално да ја менува геометријата на
предното крило од кокпитот.
Заедно со новите правила после долго време F60 е првиот
болид кој носи слик гуми, а новина е системот за регенерација на енергијата KERS.
Системот KERS кој работи во F60 е плод на соработка
меѓу Ferrari и Magneti Marelli, а закачен е на моторот под задниот
дел од шасијата.
Останати технички детали ги заокружува седум степениот
секвенцијален менувач и реконструираниот V8 мотор со ознака Тип
056 чив максимален број на вртежи е ограничен на 18.000 врт/мин место минато годишните 19.000 врт/мин и кој
годинава ќе мора да издржи три трки.
|