|
Ferrari после прераното откривање на детали одлучи официјално да го прикаже до сега најбрзиот сериски модел којшто некогаш излегол од погоните на ковачницата на змеевеи во Маранело.

Неговото име е Ferrari 599 GTO. Еден од ретките модели на Ferrari кој ја заслужува кратенката GTO - Gran Turismo Omologata. Кратенка која потсетува на два модели на Ferrari кои се симболи на колективната идеа за перформанси.
Првиот е 250 GTO од 1962 кој растураше на патеките во шеесетите во GT тркачката серија и денес е вреден колекционерски автомобил кој руши ценовни рекорди на аукциите. Вториот е исконскиот GTO од 1984 кој во суштина е основоположник или генетска нишка во генот на современите суперспортски автомобили.
Иако офицјално Ferrari сега го претставува 599 GTO, автомобилот светската премиера ќе ја доживее на салонот во Пекинг кон крајот на месецот, а списокот на среќници кои ќе имаат можност да го здомат во својата гаража е ограничен на бројката 599. Имено толкава ќе биде лимитираната серија.
Технички и технолошки конструкцијата на 599 GTO влече директни придобивки од мотоспортот и токму затоа овој суперавтомобил на Ferrari успеа да го собори рекордот на патеката во Фиорано и ја извозе за 1 минута и 24 секунди.
Всушност рекордот во Фиорано индикатор за потенцијалот на 599 GTO, а тоа е катапултирање до 100 km/h за 3,35 секунди и максимална брзина од преку 335 km/h. Воедно 599 GTO нуди сооднос тежина/моќност од 2,23 kg/КС.

Основно за перформансите на 599 GTO е иновативниот пристап при развојот на шасијата кој се применува кај тркачките автомобили и за првпат е применет кај еден сериски автомобил.
Ова значи интеркација меѓу сетапот на шасијата и управувањето, и високо софистицираната електроника за контрола на системите во автомобилот кои се поддесени за максимален одзив кој е близу до лимитот што може да се постигне кај автомобил наменет и за обичен пат не само за на патека.
Суспензијата добила нови поцврсти пружини и подебели стабилизатори на задната оска. Амортизерите припаѓаат на втората генерација на системи со магнетна контрола на придушување SCM2 - second generation magnetorheological suspension control system.
Сузпензијата работи во тандем со електронската програма за стабилност на Ferrari, VDC – Vehicle Dynamic Control и најновата генерација на ситемот за контрола на тракција F1-Trac.
Со комбинирање на трите параметри инженерите на Ferrari успеале да постигнат комплетно отсуство на појавата на подуправување во свијок и комплетно комуникативна шасија која без приговор ги следи желбите на возачот. Со директно управување, остра при свртување, прецизна во свијок и исклучително стабилн при забрзување и сопирање.
За да се задоволи политиката на Ferrari нови решенија за секој нов автомобил 599 GTO е опремен со најнова генерација на карбон-керамички дискови кои се полесни и имаат подобри сопирачки карактеристики, нови иновативни аеродинамички решенија како што е заштитата на сопирачките дискови кои ја подобруваат аеродинамиката и ладењето на сопирачките и суперспортските гуми развиени од Michelin со поширока предна гума за подобро одзив на управувањето.

Возачот исто така профитира од системот Virtual Race Engineer VRE или виртуелен инженер за на трка кој му обезбедува на возачот моментални информации за перформансите на автомобилот.
Моторот е дериват на познатиот V12 со зафатнина од 6.0 литри, компресија 11.2:1 и агол меѓу цилиндрите од 65 степени, првично развиен за екcперименталниот 599FXX, но со одредени модификации за да се задоволат еколошките норми Euro 5.
Најголемата моќност од 670 КС се остварува при високи 8.250 врт/мин, додека максималниот вртежен момент изнесува 620 Nm при 6.500 врт/мин. Главна карактеристика на моторот е течното развивање на моќта без некотролирани напливи на снага, додека F1 шест степениот менувач го скратува времето на префрлање на 60 милисекунди.
За сопирање како што напишавме се задолжени карбон-кермички дискови со димензии 389х38 mm напред и 360х32 mm назад кои ги зафаќаат шест клипни соприачки клешти напред и четири клипни назад. И додека моторот овозможува фаќање темпо 100 за 3,35 секунди, сопирачките овозможуваат сопирање од 100 до 0 km/h за 32,5 метри.

Уникатните ковани леснометални бандажи од 20 инчи се обуени во гуми 285/30 напред и 315/30 назад. Ferrari 599 GTO поседува систем за контрола на притисокот и на температурата на воздухот во гумите.
Суперспортистот во должина мери 4.710 mm во ширина 1.962 mm и во висина 1.326 mm. Има меѓусокино растојание од 2.750 mm, ширина на трага напред од 1.701 mm и назад 1.618 mm.
Тежок e 1.495 kg има распоред на тежина 47% на предна оска и 53% на задна оска. Капацитето на багажникот изнесува 320 литри, а на резервоарот 105 литри и во просек троши 17,5 L/100 km.
Наведеното е се што се знае за Ferrari 599 GTO. Непозната останува само цената која ќе биде обелоденета на светската премиера во Пекинг.
|