|
Ferrari е во постојан прогрес. Момчињата од Маранело секогаш имаат да кажат нешто ново за своите идни модели. Последната информација од кај италијаните е дека се подготвува наследник на Enzo.

Супер автомобилот кој што ќе го наследи е Ferrari F70. Новото име значи дека Ferrari им се враќа на корените во означувањето на моделите од претставувањето на првиот супер спортист F40, a по него и F50. Ferrari F60 го освои светот во форма на Enzo.
Сега повторно дојде ред најдобриот Ferrari во понудата на Mаранело да носи ознака од буква и број, место звучното име на основачот на компанијата славниот Енцо Ферари.
Ferrari F70 ќе биде помал, полесен, поаеродинамичен и побрз од автомобилиот што го наследува. Во информацијата стои дека оваа супермакина ќе тежи едвај 1.000 килограми, односно од Enzo ќе биде полесен за околу 360 килограми.
За изработка на шасијата и на каросеријата на F70 инженерите предвиделе користење на многу карбон-фибер и алуминиум. Ова значи дека шасијата и панелите на каросеријата ќе бидат максимално олеснети.
Тежината е одземана секаде каде што, за во супер спортски автомобил во основа наменет за патека реално, нема потреба од неа. Затоа кокпитот ќе биде спартански со само непоходното и ќе наликува на тркачки болид.
Моторот според изведбата се враќа на времето во кое царуваше дивиот и неприкосновен F40, без оглед што овие два мотори конструкциски немаат ништо заедничко.
Значи во F70 ќе работи битурбо V8 кој на задната оска ќе испорачува околу 660 КС, моќност која е слична со со таа што ја испорачува 6.0 литарскиот V12 кој работи во Enzo. Но поради пониската тежина, и подобрата аеродинамика F70 ќе биде побрз.
Според пресметките на конструкторите F70 во забрзувањето до 100 km/h би требало да е добар колку катапулт, или изразено во бројки стотка би фаќал за околу 3,0 секунди. Максималната брзина би достигнувала 370 km/h.
Покрај масиваната снага и фантастичните перформанси F70 не би требало да биде на удар на еколозите бидејќи како што велат од Ferrari тој ќе биде значително поекономичен од Enzo и ќе има пониска емисија на издувни гасови.
Од Маранело пристигнуваат и првите информации за цената на автомобилот. Најверојатно за да се опипа пулсот на евентуалните ловци на ексклузиви со длабок џеб. Fеrrari го проценува F70 на нето сума од 657.000 евра.
Производството би требало да стартува во 2012, а ќе бидат произведени само 399 примероци.
Тепачката меѓу одбраната клиентела за да се дојде до еден F70 може да почне.
|