Одлуката на Fiat да задре подлабоко
во сегментот на високо перформансни автомобили преку својата спортска марка Abarth ќе
резултира со нов двосед едноставно наречен Abarth Coupe.
Купето од Abarth после Grаnde
Punto и 500 ќе биде третиот модел во понудата на Црната шкорпија.
Оживувањето на марката стартуваше минатата година со Grande Punto
Abarth, годинава на пролет официјално со продажба стартува 500 Abarth, а во
втората половина на 2010 ќе се појави автентичниот Abarth Coupe кој за
разлика од неговите постари браќа нема да можеме да го видиме со беџот на Fiat.
Без оглед на екстравагантноста што Fiat сака да ја
постигне со Abarth Coupe, сепак, во негов стил, избран е
практичен пристап во создавање на спортското купе.
Abarth Coupe ќе биде поставен на платформата на
500, иако личи дека инженерите го поставиле моторот во средина како кај Fiat
X1/9, тоа нема да се случи. Abarth Coupe ќе има мотор и погон напред со што ќе
се постигне драстично смалување на трошоците.
Ова значи дека на крај Abarth Coupe ќе се
стреми да биде ексклузивен мал автомобил, но без ексклузивна цена. Планот е да
биде достапен до што поширок слој на купувачи. Односно да не се повтори
грешката на Ford и неговиот Street Ka поставен на
основата на Ka, но со многу повисока цена.
За да се обезбедат уште подобри перформанси отколку кај
500 Abarth, Abarth Coupe, ќе има лесна шасија и каросерија комплетно изработена од
алуминиум. Малите димензии ќе бидат задржани што е доволно за во кабината да се
сместат само возачот и совозачот кои без проблеми ќе можат да се возат низ
градските метежи, но и да уживаат во возбудата што ја носи отворениот пат и делниците
исполенти со свијоци.
Од Fiat истакнуваат дека инспирацијата за создавање на Abarth
Coupe доаѓа од минатото првенствено од X1/9, но и од 124 Abarth
Rally. Автомобилите пленат со својот настап, екстравагантни се и нудат
неповторлив спортски стил. Очигледно сето ова ќе го нуди и Abarth
Coupe.
Огромната маска со решетка како пчелино саќе, хoризинталните
отвори за довод на ладен воздух до предните сопирачки, отворите на хаубата и на
предните крила за одвод на жежок воздух и лутите предни светла се олицетворение
на агресивност.
Одзади пораката ја заклучуваат двете издувни цевки,
отворите во браникот, симерични на тие од напред, но сега за oдвод на топлиот
воздух од задните сопирачки и дифузорот со кој се постигнува максимален потисок
врз асфалтот при високи брзини.
Патниците во Abarth Coupe ќе уживаат возејќи
се и со ветар во коса бидејќи цврстиот панел кој всушност го сочинува кровот ќе
може да се отстрани и смести во багажникот.
Стилот на автомобилот однадвор го заокружуваат
карактеристичните црвени налепници на Abarth, додека во
кабината тој е наглесен со волан со рамно дно, тркачки седишта и дополнителни
инструменти како мерач за температура на маслото во моторот, волтметар, мерач
за притисокот во турбо полначот и индикатор за вистинското време кога да се
смени степенот на пренос.
Последново е добро и за оние што сакаат да извадат
максимум од трубо бензинецот, но и за оние што ќе сакаат при секојдневното
возење да внимаваат на потрошувачката.
За добрите возни карактеристики заслужен е системот на Fiat за
контрола на тракција, TTC Torque Transfer Control или
контролирано распределување на вртежниот момент.
Системот функционира како блокада на диференцијал кој ја
зголемува тракцијата префрлајќи го вртежниот момент од тркалото што пролизгува
кон тркалото кое има подобра тракција.
Филозофијата на Карло Абарт вградување на мал навиен
мотор во лесна каросерија кај Abarth Coupe ќе биде максимално почитувана. Под
хаубата ќе работи познатиот 1.4 литарски турбо бензинец на Fiat во две
изведби исто како кај 500 Abarth и 500 Abarth Esseesse.
Обичната верзија на Abarth Coupe ќе истискува
135 КС и 180 Nm максимален вртежен момент, додека верзијата Еssessse може да се
пофали со 160 КС и 230 Nm. Перформансите на моторот се доволни за спринт до 100 km/h за околу 8,
односно 7 секунди и максимална брзина од преку 200 km/h.
Кога е во прашање ценовната политика Fiat игра мудро.
Abarth Coupe ќе стартува со
цена од околу 13.000 евра. Претставувањето и стартот на производството се
закажани за во 2010, а првите купувачи ќе можат да уживаат во Abarth
Coupe на почетокот на 2011.
|