|
Инженерите на Fiat завршија со развој на новиот мал мотор кој од блиска иднина ќе работи во цела низа возила од групацијата ставајќи ја во преден план ниската потрошувачка и емисија на издувни гасови.

Информацијата доаѓа директно до шефот на групацијата Серџо Маркионе кој на голема врата го најави долго споменуваниот нов агрегат во своето излагање за плановите на Fiat за следните две години.
Новиот мотор со два цилиндри светската премиера ќе ја доживее во Fiat 500 кој исто како и неговиот далечен предок ќе биде задвижуван од двоцилиндричен поради што се поставува прашањето дали Fiat им се враќа на корените или гледа далеку во иднината.
Доколку пред повеќе од половина век еден двоцилиндарец можеше да го задвижува Fiat 500 зошто да не може и денес со еден мотор со модерната конструкција која соодејствува на приликите од новото време.

Во Fiat очигледно успешно ги спојуваат разликите. Станува збор за современ турбо бензинец со зафатнина од 900 cm3, или 0.9 литри распоредени во два цилиндри и со технологијата на вшмукување Multiair.
Од Fiat објаснуваат дека новиот мотор испорачува моќност и нуди иста динамика на возење како поголем атмосферски бензинец со четири цилиндри, додека потрошувачката на гориво и емисијата на издувни гасови ја задржува на значително пониско ниво.
Причината за пониската потрошувачка се сокрива и во помалите отпори кои се создаваат во самиот мотор и заради неговата тежина околу 20% пониска во однос на четирицилиндарец со иста зафатнина. Предност се и помалите димензии.

Новиот турбо бензинец на почеток ќе биде претставен во две изведби со 80 КС и помоќна изведба со 105 КС, додека подоцна се очекува и атмосферска верзија која исто така ќе го носи системот Multiair и ќе испорачува 65 КС.
Изненадува високиот вртежен момент за еден олку мал мотор. Верзијата со 80 КС би требала да има максимална вредност на вртежниот момент од 125 Nm при околу 3.000 врт/мин, додека 90 Nm ќе стојат на располагање уште до околу 2.000 врт/мин. Помоќната верзија ќе може да се пофали со максимален вртежен момент од 180 Nm.
Сето ова се должи на електрохидрауличен систем за управување со вентилите, кој е дополнување на системот Multiair и обезбедува потполна контрола врз подигањето на вентилите и времето на отворање.

Секако тука нема да застане развојот на новиот мотор на Fiat. Маркионе вели дека веќе се работи и на верзија која ќе работи на компримиран природен гас, или CNG Compressed Natural Gas.
Пуштањето на новиот мотор во серија нема да се одолговлекува и наскоро ќе пристигне на пазарите во Европа, а покрај Fiat 500 ќе се нуди и во Panda и во Punto Evo.
|